Господарот Самсунг

По 14-годишно суверено владеење, Нокиа ја изгуби титулата најголем производител на мобилни телефони. Новиот шампион е Самсунг.

Во првите три месеци од 2012-та, Самсунг испорачал 93,5 милиони мобилни телефони, што е 36% повеќе од претходната година. Во истиот период Нокиа испорачала 82,7 милиони мобилни.

Финците беа на прво место од 1998-ма, кога го превзема водството од Моторола. За првиот квартал, Нокиа пријави и оперативна загуба од 1,34 милијарди евра, пред се заради лоша продажба (само во Кина, продажбата на Нокиа паднала за 62%).

На трето место заврши Епл, кој во последниот квартал испорача 35,1 милион мобилни, што е раст за 89%.

Самсунг успеал да го превеземе и водството од Епл, како најголем производител на смартфони во светот.

На тема смартфони, Нокиа во првите три месеци од годинава успеала да продаде само 2 милиона Виндоус смартфони од вкупно 11,9 милиони што ги испорачале.

За првиот квартал од 2012-та, на светско ниво, од сите производители биле испорачани 368 милиони смартфони.

27 април 2012 - 14:05