Приватните разговори на водечките компании од Силициумската долина се одвивале во истата недела кога во Сенатот беше претставен нацрт-текст со кој се воведува „обврска за одговорност“ за лабораториите кои ги развиваат најнапредните системи за ВИ, пишува „The Information“.
Функционери од администрацијата на Доналд Трамп веќе дистрибуирале нацрт-извршна наредба за формирање организација за саморегулација на ВИ, иако за тоа сè уште е потребна согласност од Трамп и од други лица.
На чело на напорите е Дарио Амодеи, директорот на Anthropic, кој во колумна во саботата побара од технолошката индустрија да го забави темпото со кое ги прави моделите за вештачка интелигенција сè поспособни.
Сем Алтман од OpenAI одговори дека се согласува со Амодеи дека мора да се забави развојот на најнапредните технологии. Илон Маск од xAI кусо додаде: „Дарио е во право“, а Демис Хасабис од Google DeepMind изјави: „Насоката е правилна за справување со овој клучен момент“.
Anthropic, OpenAI, xAI и Google DeepMind – сите го зазедоа истиот став во текот на еден ден. Такво нешто никогаш претходно не се случило во индустријата, во која лидерите постојано меѓусебно се навредуваат. Медиумите ова го претставија како исклучителна ситуација во која „четирите најголеми ривали конечно изразуваат совест“. Всушност, тоа може да е организиран план на најмоќните компании да ја преземат контролата врз развојот и регулирањето на технологијата, за која самите тврдат дека многу скоро може да претставува закана за целото човештво.

Клучниот елемент на планот на Амодеи е градење доверба. Anthropic ќе им обезбеди на надворешни ревизори работни места, пропусници, лаптопи, целосен пристап и право да ги објават своите наоди.
Во вториот чекор, водечките компании – без оние во Кина - меѓусебно би се координирале за да воспостават заеднички стандарди и ограничувања за брзината на напредокот, со битна забелешка: „Со владино посредништво или откажување од антимонополските ограничувања“. План на конкурентски компании за тоа колку брзо секој од нив смее да испорачува е договор за ограничување на производството, што претставува кривично дело во САД.
Првиот човек на Anthropic објаснува дека темпото на развој на ВИ е ограничено од тоа колку напредуваат американските компании. Ако забават претерано, би им овозможиле на кинеските компании да напредуваат, што го оценува „значаен ризик за националната безбедност на САД“.
Координираното забавување купува време за повеќе работа на безбедноста без да се жртвува комерцијалната предност или водството на САД во вештачката интелигенција, додава Амодеи.
Брзината на развој координирана од американските компании би ја контролирала предноста на стабилно ниво. За таа цел, Амодеи бара од владата на САД да помогне со забрана на продажба на напредни чипови или опрема за производство на чипови на Кина, да преземе мерки против неовластената дестилација - што е ефтин начин помали лаборатории да ги копираат врвните модели.
Сара Хек, раководител за политики во Anthropic, подоцна побара од законодавците да усвојат и закон што би имал овластување да ги блокира моделите.
Ситуацијата е сложена, бидејќи ризикот што го опишуваат водечките лаборатории за ВИ е реален. Рој од ботови неодамна без дозвола излегоа од кафезот во кој беа тестирани и се обидоа да го хакираат системот што ја оценувал нивната работа. Загриженоста што ја изразува Амодеи е дека, во рок од 6 до 12 месеци, таков рој би можел да го преземе интернетот и да предизвика штета од стотици милијарди долари.