Тактиката е во тоа што Епл го продава основниот Ајфон 6 (199 долари) и 6 Плус (299 долари) со 16 гигабајти меморија. Овој простор е блесаво мал ако се има предвид дека само иОС 8 е 4 гигабајти, плус на ова треба да се додадат сите апликации што ќе сакаш да ги ставиш, плус поголемите фотографии што ќе ги правиш со камерата (фотографирањето во серија) и видеата што ќе ги снимаш. Да не збориме за музиката и филмовите / сериите.
Решение за овој проблем е да се купи варијантата со повеќе меморија. Сето ова Епл со време го има предвидено, па најновиот Ајфон воопшто нема верзија од 32 гигабајти, туку надградбата од 16 ќе треба да се направи директно на 64 гигабајти (или 128 ако сакаш).
Затоа што надградбата на 64 гигабајти чини околу 100 долари (и кај двата модела), "многу е поверојатно дека луѓето ќе се одлучат дека ова е мал трошок за долгорочна сатисфакција." (Наспроти секојдневното бришење фајлови и апликации од телефонот.)
"Тука следува уште скриена генијалност на Епл.
Според аналитичарот од Вол Стрит, Џин Мунстер, трошокот на Епл за меморијата од 64 гигабајти наспроти таа од 16 гигабајти е многу мала.
Конкретно, околу 20 долари.
Ова значи дека за секој корисник на Епл кој ќе се реши да потроши дополнителни 100 долари за да купи Ајфон 6 (или 6 Плус) од 64 гига, Епл прави екстра профит од дополнителни 80 долари.
А тоа е многу екстра профит," пишува Хенри Блодгет во Бизнис Инсајдер.
Пресметките за викендов се дека секој петти муштерија ја купил основната верзија на Ајфон 6 од 16 гигабајти, претходните години просекот во оваа категорија е за барем 50% поголем.
"А во случај да не сте импресионирани од магијата околу цената и профитот, имајте го ова предвид:
Епл веќе заработува дополнителни 100 долари од секој што го сака Ајфон 6 Плус. Почетната цена на овие телефони е 299 долари. А малку е веројатно дека Ајфон 6 Плус со поголем екран чини дополнителни 100 долари за да се произведе," објаснува Блодгет.