Залужниј во понеделникот бил свикан во канцеларијата на Зеленски каде тој му кажува на украинскиот претседател дека процените на претседателските советници за состојбата на фронтот се повеќе позитивни отколку реалистични. Ова е прв пат по година и пол двајцата да се сретнат без присуство на советниците на Зеленски.
Откако му го кажува ова, Зеленски бара од Залужниј да поднесе оставка. Кога тој го одбива истото, Зеленски му кажува дека ќе потпише декрет за негово отпуштање.
По ова Залужниј се враќа во својата канцеларија каде на соработниците и замениците им кажува дека бил отпуштен. Веста во медиумите ја протекува поранешен украински пратеник, според кого генералот на еден од офицерите му пренел дека се пакува.
На Залужниј наводно му била понудена позицијата на секретар на Националниот совет за безбедност, што тој ја одбил.
Откако протекува веста реакциите на социјалните мрежи се одлучно против таквото решение. Како можна замена за Залужниј се наведуваат командантот на копнените сили на Украина, генерал Олександр Сирскиј и првиот човек на военото разузнавање, генерал Кирило Буданов.
Британски Телеграф пишува дека и двајцата генерали, блиски и на Зеленски и на САД, ја одбиваат понудата, заради што украинскиот претседател се откажува од намерата за смена на Залужниј.
Со ваквите решенија не се согласуваат ни офицери блиски на Залужниј кои во разговор со Телеграф објаснуваат дека Буданов не би бил добар командант на вооружените сили бидејќи тој е експерт за мали операции, но нема искуство во командување големи формации, а и во малкуте ситуации кога предводел поголеми напади резултатите не биле добри.
Другиот кандидат, генерал Сирскиј, иако има прилично многу искуство офицерите го сметаат за политичко решение и не доволно независен за да ги заштити нивните интереси и да делува според реалноста на ситуацијата.
„Зеленски треба да разбере дека војската му верува на Залужниј, а ако претседателот сака војската да му верува и нему, треба да научи да му верува на Залужниј.
Советниците блиски на Зеленски му направија топла бања, од која е тешко да се види реалноста на фронтот,“ изјавил украинскиот офицер што разговара со Телеграф.