Војната заглавила 1.200 бродови во Ормускиот проток

Затворањето на Ормускиот проток поради војната во изминатите сто и кусур дена блокирало над 1.200 бродови натоварени со стоки во вредност над 125 милијарди долари, покажува извештај на осигурителната компанија Алијанц. Се уште се заглавени 300.000 контејнери и десетици илјади морнари од кои сопствениците на бродовите кренале раце.

Откако САД и Иран ги укинаа своите блокади на Ормускиот проток, сообраќајот почна постепено да се враќа на нивото од пред 28 февруари, кога почна војната. Според Меморандумот за разбирање, сообраќајот треба целосно да се нормализира најдоцна до 21 август.

Пред војната, низ протокот вообичаено поминуваа по околу 135 бродови дневно, главно танкери натоварени со една петтина од глобалниот извоз на нафта и гас. Во првата недела по потпишувањето на примирјето од Персискиот залив испловиле 24 бродови, а во изминатата 69.

Во 111-те дена од ефективната блокада, со ракети биле погодени повеќе од 40 бродови што се обидувале да преминат - главно танкери, при што загинале 14 членови на екипаж, според податоците на Меѓународната поморска организација.

За време на блокадата, заглавени останале речиси 20.000 морнари, на кои сопствениците на бродовите не им исплатиле плати или не им доставувале доволно залихи и поддршка. Бројот на напуштените морнари се зголемува шеста година по ред и лани достигнал рекорд од 6.000. 

ММО вчера објави дека во координација со Оман е воспоставен безбеден коридор за евакуација на 11.000 морнари кои сакаат да го напуштат Заливот.

Секогаш зборувавме за сценарија, а сега имаме реална катастрофа, која ја менува перцепцијата за оперативните ризици од „теоретски може да се случи“ до она што го знаеме сега, изјави Јустус Хајнрих, шеф на одделението за поморско осигурување во Алијанц.

Компанијата добила пријави за отштета од бродови што биле погодени од дронови, а очекува и барања за исплата на штета за товари со лекови или храна на кои поради блокадата им изминал рокот на употреба.

„Куен+Нагел“, најголемиот светски шпедитер, проценува дека околу 300.000 контејнери сè уште се заглавени во Заливот и дека копнените патишта до регионот се „под голем притисок“.

Повеќе не се извезуваат лесно расипливи стоки од Блискиот Исток, што значи дека поголемиот дел од товарот или останал на бродовите или бил истоварен во локалните пристаништа, изјави Мајкл Алдвел, потпретседател за морска логистика во „К+Н“.

Поради ризикот од нова блокада ако мировните преговори пропаднат, или ако во иднина избувне нова војна, шпедитерски компании најавија дека ќе инвестираат во алтернативни канали за извоз на стоки од Персискиот залив. Во Меморандумот за разбирање е оставен простор Иран заедно со Оман и со други земји од регионот да усогласи нов систем за контрола на сообраќајот, што се чита како право на наплаќање патарина.

24 јуни 2026 - 14:54