Најниската сума на директните трошоци за операцијата Епски гнев ќе биде во распон од 40 до 95 милијарди долари, покажува пресметката на независниот истражувачки центар за буџетски моделирања „Пен Вортон“ (PWBM), чии модели за анализа на фискалните и макроекономските ефекти од федералната политика на широко се користат во Вашингтон.
Директорот Кент Смитерс објаснува дека реалниот ризик од ескалирање на војната ги зголемува директните трошоци на 65 милијарди долари. Тоа е само за истрелана муниција, замена на опрема и други материјали.
Ако војната трае повеќе од два месеци, тогаш оваа бројка се зголемува, додаде Смитерс.
Покрај директните воени трошоци, севкупната економска загуба на САД се проширува на 115 до 210 милијарди долари. Ова е цената од нарушувањата во трговијата, енергетските пазари и финансиските услови, кои се вообичаени за долгорочни конфликти на Блискиот Исток. Опсегот е широк поради неизвесноста како војната ќе се развива.
Ризикот од ескалација е повисок од ризикот за смирување, предупредува директорот на PWBM.
Бројките не ги вклучуваат трошоците од 179 милијарди долари поврзани со царинскиот режим што претседателот Доналд Трамп го воведе поради „национална вонредна состојба“. Согласно одлуката на Врховниот суд за легалноста на царините, администрацијата на Трамп би требала да им ја врати оваа сума на американските компании и на даночните обврзници.
Дури и пред да паднат првите бомби, военото засилување на Пентагон пред нападот веќе ги чинеше даночните обврзници околу 630 милиони долари, изјави претходно за Волстрит журнал Елејн Мекаскер, поранешна висока службеничка за буџет на Пентагон.
Преместувањето на повеќе од десетина поморски бродови и над 100 авиони на Блискиот Исток придонесе за најголемиот дел од тие трошоци, кои верјатно ќе бидат апсорбирани во буџетот на Пентагон од 839 милијарди долари за фискалната 2026 година.
Високата цена на војната веројатно ќе има и политички последици. Анкета на Ројтерс/Ипсос спроведена за време на викендот покажа дека само еден од четири Американци ги поддржуваат нападите врз Иран. Дури и меѓу републиканците, само еден од четворица верува дека Трамп бил премногу спремен да употреби воена сила. Главните причини за загриженост се ризикот од загинати американски војници и од очекувани поскапувања и непотребни трошоци.