Во екот на војната, откако Иран го блокираше сообраќајот на танкерите низ Ормускиот теснец, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предложи нов енергетски поредок за блискоисточниот регион.
Само изградете нафтоводи и гасоводи што ќе се протегаат кон запад низ Арапскиот Полуостров, директно до Израел, до нашите медитерански пристаништа - и засекогаш ќе ги елиминирате тесните грла, изјави тој за Ројтерс.
За Нетанјаху, Израел би бил природен енергетски јазол. Инфраструктурата за ова веќе делумно постои. Нафтоводот Еилат-Ашкелон го поврзува Црвеното Море со Медитеранот од 1968 година. Земјите од Персискиот Залив, исто така, планираат цевководи што го заобиколуваат тесното грло на Ормускиот проток.
Додека блокадата на Ормускиот теснец блокираше проток на 20 милиони барели сурова нафта, главно до Азија и Африка, Израел нема проблем да обезбеди гориво. Земјата добива гас од сопствени нафтени полиња во Медитеранот, го преработува во течна форма (LNG) во Египет и го извезува во Европа. Нафтата ја добива преку цевководи од Азербејџан по копнен пат.

Покрај тоа, Израел го проширува својот сектор за обновлива енергија, со фокус на сончевата. Еден од најголемите капацитети е електраната Ашалим во пустината Негев. Сместена 35 километри јужно од Бершеба, електраната снабдува струја за околу 120.000 домаќинства. Сепак, само 12,5% од електричната енергија на Израел доаѓала од обновливи извори во 2023 година - далеку од целта од 30% до 2030 година.
На Израел, сепак, му е потребно повеќе струја за планираниот технолошки развој отколку што моментално произведува. Новите информатички центри за податоци бараат постојано, сигурно и големо снабдување со електрична енергија, 24 часа на ден. Според израелскиот регулатор за електрична енергија, нивниот удел во вкупната потрошувачка на електрична енергија би можел да се зголеми од 0,5 на 7% до 2030 година. Сончевите електрани во пустината не можат да ја задоволат оваа побарувачка. Предложеното решение е нуклеарни централи.
Во јануари 2026 година, Израел и САД потпишаа меморандум за разбирање за технолошки парк Fort Foundry One во пустината Негев, кој треба да се напојува од мали нуклеарни реактори, објави списанието Nuclear Engineering International. Објектот е наменет да смести фабрики за чипови и центри за податоци за вештачка интелигенција и ќе биде под надзор на САД.
Израел е постојано под ракетни напади и поради малата површина премногу е ризично изградба на класични големи реактори. Затоа, поверојатни се мали, модуларни реактори што би можеле да се обезбедат под земја. Проблемот е тоа што тие сè уште не се комерцијално достапни, вели Елај Ретиг, енергетски истражувач на Универзитетот Бар-Илан.

Додека проектите за гас и нуклеарна енергија се сè уште во фаза на планирање, друг проект добива конкретна форма. Голем морски интерконектор е наменет да ги поврзе Грција, Кипар и Израел во заедничка електрична мрежа и веќе е делумно финансиран со 657 милиони евра од ЕУ.
Поставувањето на кабелот помеѓу Грција и Кипар е веќе во тек, а ќе следи и делот за Израел. Пред еден месец производителот на кабли Нексанс објави подводен тест на длабочина од 3.000 метри.
Ова е дел од поголем проект - коридорот IMEC од Индија преку Блискиот Исток до Европа.