Смената на Залужни е направена со претседателски декрет, откако генералот минатата недела одбил да прифати сам да поднесе оставка. Се работи за најголемата можна замена во украинското воено раководство од почетокот на војната.
Во пораката објавена на Твитер, Зеленски пишува „Почнувајќи до денес, нов менаџерски тим го презема раководството на вооружените сили на Украина.“
Залужни беше назначен на командната позиција токму од Зеленски. Двајцата имаа различни ставови околу војната, но тоа главно не се прелева во јавност. Прв посериозен раскол меѓу нив се случува есеноска откако Залужни во интервју за Економист признава дека толку очекуваната и најавувана контраофанзива заглавила.
За Зеленски вината за ова паѓа на Залужни и бара од него да продолжи со офанзивата и нападите, и да ја преземе одговорноста за следната мобилизација. Генералот пак се откажува од планирање и водење идни контраофанзиви доколку јасно не му се каже со какви ресурси располага.
Магазинот Економист објаснува дека она што навистина ја растури соработката меѓу Зеленски и Залужни се „променетите ставови на Зеленски за тоа како војната ќе одлучи каква држава ќе стане Украина.“
По почетокот на војната, Зеленски во интервју за Економист објаснува дека неговата држава е европски наклонета демократија, која повеќе го вреднува животот отколку територијата.
„Меѓутоа во последно време претседателството на Зеленски се повеќе е дефинирано од неговата цел за враќање на целата украинска окупирана територија. Како што стануваше се појасно дека оваа цел не може да биде постигната, така се повеќе растеше нетрпението на Зеленски кон неговиот генерал. Тој и неговите функционери се чувствуваа загрозени од популарноста на Залужни, што беше една од причините заради која сакаше да ја централизира моќта во претседателската палата во Киев,“ пишува Економист.
Процената на магазинот е дека Зеленски морал што побрзо да го отпушти Залужни по протекувањето на информацијата за смена на генералот, бидејќи колку повеќе одолговлекува толку повеќе ќе трпи и неговата позиција.
Замената на Залужни, генерал Сирски има репутација на командант волен да се судри со непријателот, дури и ако при тоа загуби голем број војници и опрема.
Сирски е генералот кој беше задолжен за одбраната на Киев на почетокот од инвазијата во 2022, кога руските сили стигнаа до предградијата на украинската престолнина. Потоа тој ја осмислува и успешната контраофанзива во Харков во летото 2022 и од тогаш е прв човек на воените операции во источна Украина.