Дилемата на демократите што ја пренесува Аксиос е дали фокусирањето и на најмалите детали е со цел да се скријат ограничувањата и слабостите на 81-годишниот претседател или е само одраз на педантноста на тимот и кадарот што работат за Бајден.
Аксиос пренесува изјава на човек кој учествува во организацијата на настан на Бајден според кого движењето на американскиот претседател „е третирано како да е НАТО самит“.
Пред претседателски настан, Белата куќа на ангажираните лица им испраќа документ што тие треба да го следат кога ги подготвуваат материјалите за Бајден. Еден таков темплејт до кој доаѓа Аксиос, е краток и јасен водич во кој на секоја страна има една голема слика придружена со текст „поглед од подиум“ или „поглед од публика“.
На овој документ од пет страни, на две има посебни слики со „одење до подиум“.
Од Белата куќа објаснуваат дека едноставно нивната претходница така работи и дека истата би била процедурата за кого и да е.
Двајца помошници кои работат со Бајден за време на неговите потпретседателски мандати тврдат дека во тоа време подготвителните документи биле поинакви. Дел од објаснувањето за разликата тогаш и сега е и затоа што движењето на претседателот обично се планира многу подетално отколку движењето на потпретседателот.
„Голем број од наизглед вообичаените пракси на Бајден добиваат ново внимание по неговите перформанси на дебатата, каде, повремено, не можеше да состави реченица и често пати стоеше со подотворена уста.
Претседателите често користат телепромптер, меѓутоа тоа што Бајден ги користи и за мали настани како донаторски средби, предизвикаа вознемиреност меѓу демократите дека неговиот однесувањето од дебатата ќе се повтори,“ пишува Аксиос.