Ултра-богатите најдоа како да стигнат до своите јахти, за 16.000 долари од час

Една од најголемите богаташки маки периодов е што имаат неброени пари, а немаат каде да се шетаат со нив и каде да ги трошат. Олеснувањето на глобалните забрани за движење, ги олесни и овие проблеми.

Компанијата за авионски превоз Вистаџет, инспирирана од „барањето на членовите“ почна да нуди летови со тазе дезинфицирани приватни авиони до јахти закотвени во Малта.

Изборот на Малта е затоа што и онака е една од посакуваните туристички дестинации, а во исто време беше истакната од СЗО како пример во борбата против ковид-19.

Членовите на Вистаџет пред своето патување треба да обезбедат „декларација за здравје“ која според компанијата не мора да биде независно сертифицирана. На самиот лет на патниците ќе им се мери температура, а за парите добиваат и хируршки маски и ракавици.

По слетувањето на Малта, патниците директно се префрлаат во ВИП одделот на аеродромот, каде цариниците им ги проверуваат документите, а и уште еднаш им се мери температура.

Од таму, тие со дезинфицирани возила се носат до јахтата, која претходно е снабдена со сè што е побарано од гостите. Уште еден столб на безбедност е дека ултра-богатите потпишуваат декларација дека никаде нема да застанат со автомобилот на патот од авионот до јахтата.

За сега Малта е единствената дестинација што компанијата ја нуди.

Во редовни времиња цената на изнајмување на Бомбардер Глобал 6000 од Вистаџет е околу 16.000 долари на час. Новите услуги и авион-до-јахта сервисот дополнително се доплаќа.

28 мај 2020 - 12:54