Денес не можеш јавно да пофалиш способна жена дека е и убава а да не ти рипнат а) способните а помалку убавите, б) неспособните и грдите, в) телалите на а и б.
Ова го почувствува американскиот претстедател оддавајќи и признание на способноста на јавната обвинителка на Калифорнија, Камала Харис, инаку негова долгогодишна пријателка и соработник.
"Таа е брилијантна, посветена и цврста, таа е точно она што го очекувате од некој кој ги спроведува законите и обезбедува фер игра за секого," рече Обама за Харис а потоа несреќно додаде: "Истoвремено, таа е најубавата обвинителка во земјата."
Буката околу овaa "скандалозна" изјава ја принуди Белата Куќа да соопшти дека Обама телефонски и се јавил на обвинителката и уште еднаш ја уверил дека со забeлешката за добриот изглед во никој случај немал намера да го оттргне вниманието од нејзините деловни способности.
На истата тема, Обама претходно се дообјаснуваше зошто на една 32 годишна конгресменка и рекол дека изгледа како да има 23 (плус и се обратил со "Honey"), а прогресивниот американски претседател не мина добро ни кога ѝ подели бона фиде комплимент на една новинарка.
* насловот е од песна на Блаже Конески