Иако списокот е далеку подолг, овие три имиња се главен приоритет на Трамп, посебно Кристофер Вреј, првиот човек на ФБИ. Главно се работи за тоа дека овие функционери не услишиле некое барање на Трамп, кој пак не може да се помири со тоа дека управува со државен апарат кој се води од строги правила, а не со приватна компанија која се води од желбите на газдата.
„Вреј и Хаспел (ЦИА) се речиси универзално омразени и не им се верува од страна на најблискиот круг на Трамп. Тој до сега ќе ги отпуштеше и двајцата, да не беше проблем тоа да се направи пред 3-ти ноември,“ пишува Аксиос.
Главниот грев на Вреј е што никогаш не започнал официјална истрага за бизнис конекциите на Хантер Бајден и не ги смени функционерите во ФБИ за кои Трамп верува дека вон своите овластувања ја започнале истрагата за руските врски на Трамп.
Минусот на директорката на ЦИА Џина Хаспел е што одбива декласифицирање на документи и упорно штити извори поврзани со истите документи кои ги бара Директорот за национална безбедност.
Третиот на списокот, Марк Еспер, ќе биде сменет затоа што летоска одби да испрати војска на американските улици за да се справи со протестите во повеќе градови на САД.
Иако Трамп приватно во повеќе наврати има изјавено дека е незадоволен од првиот човек на американската правда, Бил Бар, тој наводно не се наоѓа на листата за отпуштање. Трамп му забележува на Бар што се уште го нема објавено официјалниот извештај за тоа како администрацијата на Обама се справила со истрагата околу Трамп и Русија, што наводно треба да доведе до апсење на повеќе високи функционери од времето на Обама.
Минатата недела Трамп потпиша извршна наредба која му го олеснува отпуштањето во најразличните државни служби, што од неговиот кабинет го објаснија како „олеснување во чистењето на функционерите од кариера“.