„На новата анкета на Си-би-ес која само што е објавена, водам пред сите со 'легендарни' бројки... И ЗАТОА НЕМА ДА УЧЕСТВУВАМ НА ДЕБАТИТЕ,“ напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушал.
Стратешката позадина на одлуката на Трамп е да не им дозволи на другите кандидати да ќарат нешто внимание на негова сметка, и второ, и уште поважно, да го понижи Фокс њуз, кој е домаќин на дебатата.
И пред анкетата на Си-би-ес на која се повикува, Трамп со недели разговара со советниците и јавно со симпатизерите што доаѓаат на неговите митинзи, дали да се појави на дебатата „и одговорот убедливо е да ја прескокне“.
Трамп наводно веќе седнал на разговор со поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлсон, и планот му е снимката да биде објавена отприлика во исто време кога е закажан преносот на дебатата. Разговорот со Карлсон е посебно тежок за Фокс имајќи предвид дека тој се уште е под договор со телевизијата и таа уште го плаќа, и покрај тоа што неговото шоу беше укинато.
Тој размислувал и во последен момент да упадне на дебатата, и со тоа покривањето на дебатата да се фокусира на него, а не на одговорите што ги дале другите кандидати.
Една од опциите што се разгледувала е и Трамп да го договори своето предавање на властите во Џорџија, каде има покренато обвинение против него, во исто време со дебатата. Процената е дека предавањето ќе се случи утрото по дебатата и на тој начин ќе се задуши известувањето од првиот судир на републиканските кандидати.