Американската блокада на Ормускиот проток за ирански бродови сериозно ја загрози стабилноста на Иран. Танкерите и капацитетите на островот Карг беа речиси полни, а нафтените полиња беа пред запирање на работата, што ќе го парализираше производството со години.
Спасот за Иран беше Меморандумот за разбирање со САД потпишан на почетокот на јуни, кој всушност беше договор за примирје.
Американците ја укинаа сопствената блокада на Ормускиот проток и му дозволија на Иран привремено да извезува нафта, околу 20 ирански танкери наполнети со милиони барели нафта испловија кон Азија, најверојатно кон Кина.
Независни аналитичари проценуваат дека за еден месец, до почетокот на новата рунда престрелки, Иран продал близу 70 милиони барели нафта за помеѓу 5 и 6 милијарди долари.
За да ги заобиколи санкциите наметнати од САД, се држи до проверената тактика. Во областа Eastern Outer Port Limits, надвор од територијалните води на Малезија, нафтата со огромни црева се преточува во други бродови, кои ја носат до приватни рафинерии во Кина, познати како „чајници“, кои ја купуваат со попуст.
Профитот на Иранците е зголемен и поради скокот на цената на нафтата по обновувањето на војната. Кога танкерите поминале низ Ормускиот проток, цената на барелот беше околу 80 долари, а вчера веќе надмина 100 долари. Ова поскапување значи дека Иран заработил над 1 милијарда долари од обновените американски напади.
Техеран ги наполни воените резерви, го растовари инфраструктурниот притисок и обезбеди време за производство на дронови и ракети што сега паѓаат врз базите во Заливот.
Економијата на Иран е во најлоша состојба од револуцијата наваму, па секој долар приход е важен. Приходите од извозот ќе бидат искористени за војната против САД, која е главен приоритет, оцени Џонатан Паникоф, експерт за Блискиот Исток во Атлантскиот совет.