Трамп бара помош од приватни компании за хакерски напади

Администрацијата на Трамп охрабрува приватни компании да спроведуваат кибернетски напади против меѓународни хакери кои ги загрозуваат американските интереси или инфраструктурата. Со ова САД ќе можат да ја заострат војната на кибернетското бојно поле и притоа да отфрлаат директна одговорност – тактика што веќе ја користат Пекинг, Русија и Пјонгјанг.

Според меморандумот за национална безбедност потпишан од претседателот Трамп, одбрани компании ќе соработуваат со Министерствата за правда и за внатрешна безбедност за да напаѓаат хакерски криминални групи во странство, по строга проверка и под одредени услови.

Целта ќе бидат криминалните мрежи фокусирани на нарушување, манипулација или уништување на информациските системи и мрежи, вклучувајќи ја виртуелната и физичката инфраструктура, се истакнува во документот.

Потегот е остра промена од децениската политика за кибернетска безбедност на претходните администрации, и републикански и демократски, кои даваа приоритет на подобрувањето на корпоративната одбрана и ги ограничуваа офанзивните сајбер операции на војската и на разузнавачките агенции.

Концептот за вклучување на приватниот сектор во офанзивни сајбер-акции постои со години, но никогаш досега не бил јавно одобрен од владата, главно поради стравувањата дека тоа би можело да поттикне кибернетска војна, да отвори прашања за правна одговорност и да ги изложи американските фирми во странство на непредвидени правни последици.

За да се избегне целосен хаос на дигиталното бојно поле, во меморандумот се најавува строго ограничено дејствување на приватниот сектор. Компаниите што ќе се пријават за програмата ќе мора да поминат низ процес на проверка и да потпишат договор што предвидува парични казни од 1 милион долари за евентуални прекршоци. За секоја акција би требало да добијат писмено одобрение од Министерството за правда и Министерството за внатрешна безбедност.

Според наведените рамки, нема да се одобруваат напади што би можеле да доведат до човечки жртви, тешки повреди или „кои имаат потенцијал да ескалираат во употреба на сила или оружени напади“.

Нападите ќе бидат ограничени на транснационални криминални организации кои се сметаат за одвоени од странски влади. Меморандумот содржи и доверлив анекс во кој се објаснува процесот на надминување на конфликти ако приватните хакирања се судрат со операции на федералната влада.

Поранешни функционери и експерти за безбедност предупредуваат дека новиот пристап ќе создаде уште поголем хаос на непредвидливото поле на кибернетско војување. Приватните компании лесно би можеле да преземат акции што ги надминуваат овластувањата од агенциите за безбедност.

До одреден степен, новата наредба би ги изедначила САД со главните кибер-противници, вклучувајќи ги Кина и Русија, каде што разузнавачките служби долго време се потпираат на платени хакерски групи за да извршат мисии за национална безбедност и притоа да ѝ овозможат на државата веродостојно да ја негира вмешаноста.

Историски гледано, Пекинг копирал разни политики за кибер-безбедност од САД. Сега се чини дека САД сакаат да го копираат кинескиот систем за ангажирање хакери од приватниот сектор за извршување задачи во име на државата, изјави Дакота Кери, советник во американската компанија за сајбер-безбедност SentinelOne.

14 август 2026 - 08:36