Стармер забранува голотија на телефони на деца

Премиерот Кир Стармер, кој за амбасадор во САД назначи човек вплеткан во мрежата на Џефри Епстин за сексуално злоставување, сега се обидува да се наметне како пуритански заштитник на децата во Британија. Од големите компании бара да ја исклучат можноста деца да гледаат голотија на своите телефони. Плус ќе забрани пристап на помлади од 16 години до социјалните мрежи.

Стармер им постави рок од три месеци на Apple и на Google да воведат мерки на своите уреди и оперативни системи што би ги спречиле децата да снимаат, да споделуваат или да гледаат слики на голотија. Ако компаниите не го сторат тоа, им се закани дека ќе наметне закон со кој ќе ги казни и ќе ограничи продажба на телефони на деца.

Децата испраќаат и добиваат слики со голотија. Долго време на луѓето им се кажуваше дека тоа е цената на модерната технологија, дека не може ништо да се направи, дека владата е немоќна, дека родителите едноставно мора да го прифатат тоа. Но, јас целосно го отфрлам. Технологијата мора да се прилагоди на потребите на општеството, а не обратно, изјави Стармер.

Мерките предвидуваат децата да немаат пристап до никаков вид голотија на своите телефони, од експлицитна порнографија до сексуални сцени во филмови. Една од целите е да се спречи снимање и споделување голи фотографии, што полицијата го поврзува со онлајн сексуалната експлоатација и уценување на деца.

Околу 91% од онлајн сексуалната злоупотреба на деца е снимена од самите деца, кои се наведувани, измамени и експлоатирани од предатори, според Министерството за внатрешни работи.

Возрасните ќе можат да снимаат, споделуваат или гледаат гола содржина на своите уреди преку процес на проверка на возраста. 

Apple веќе воведува проверки на возраста за корисниците на iPhone и iPad во Британија за пристап до „одредени услуги“ и апликации. За малолетните и оние што ја избегнуваат проверката автоматски се вклучуваат филтри за веб-содржина. Google лани воведе мерки за откривање и замаглување на голи слики и предупредува кога дете ќе се обиде да ги отвори или да ги испрати.

Оваа иницијатива е независна од мерката на Стармер за забрана на пристапот на помлади од 16 години до социјалните медиуми, која се очекува да биде објавена идната недела. Според најавата, ограничувањата во Британија ќе одат подалеку од оние во Австралија, со блокада на „штетните страници“ и на функциите што создаваат зависност, како бесконечното скролување.

Овие мерки би можеле да предизвикаат смрт на анонимноста и приватноста на интернет, предупреди Силки Карло, директорка на организацијата Big Brother Watch.

8 јуни 2026 - 16:25