Демократски лекции од Латвија:

Споменикот кој привлекува погрешно цвеќе

На Денот на победата, пар десетици илјади граѓани на Латвија оставија цвеќе на Паркот на слободата во Рига каде централно место има споменик од советско време. Утредента со булдожери им го собраа цвеќето но овие пак доаѓаа и пак оставаа. Властите најдоа решение: ќе го рушат споменикот. 

Властите во Латвија сторија сè што можат да го обесхрабрат масовното собирање на Денот на победата близу споменикот „Ослободители на Латвија“ во Рига.

Полицијата ги советуваше да не доаѓаат за нивното собирање да не биде злоупотребено од руската пропаганда. Ги потсети и на новите лексички правила за непожелноста на буквите Z и V и ги предупреди дека на тоа може да биде гледано како на поддршка на војната.

Дури и пандемијата ја потегнаа, потсетувајќи дека наоколу сè уште шета вирусот па масовно собирање не е пожелно.

Па сепак дошле, според полициски проценки, околу 20.000 луѓе.

Настанот минал мирно и без инциденти но друг е гревот, што собраните сепак носеле погрешни (руски) симболи и пееле погрешни (руски) песни. Да потсетиме, тоа се граѓани на Латвија и жители на Рига а руското малцинство во земјата изнесува преку 25%.

Веќе утредента, чистачи и багери темелно го отстранија цвеќето, да не остане ни латица спомен на „несаканиот настан“.

Револтирани од ваквото непочитување и безобразие, вечерта луѓе пак доаѓале на истото место, со бдеење и сл.

За премиерот Кришјанис Каринш, работата е едноставна.

„Денеска барем ситуацијата е црно-бела. Поддршка за Русија значи поддршка на убивањата и силувањата цивили во Украина. Неподржување на Русија значи поддршка за слободата и демократските вредности.“

Во меѓувреме, парламентот на Латвија ги поддржа амандманите за законски измени со кои ќе се овозможи рушење и отстранување на контроверзниот споменик иако членот на опозиционата партија Хармонија Игор Пименовс ги потсети дека ниту споменикот ниту празникот нема врска со руската инвазија на Украина туку е спомен на ослободување на Латвија од Хитлер, во што главна улога имаше Црвената армија во која учествуваа и Руси и Латвијци.  

Предложените измени на законот значи намера да се прекрши договорот меѓу Латвија и Руската федерација чиј член 13 ја обврзува Латвија да ја гарантира споменичната структура на нејзина територија.

Во земјата постојат стотици споменици од советско време. 

 

 

 

 

13 мај 2022 - 14:15