"Колку повеќе се оддалечуваа Републиканците и Демократите, толку повеќе спин-мајсторите ја растегнуваа својата логика надвор од каква била препознатливост. Колку повеќе реториката стануваше сулуда, толку помалку луѓе ја слушаа. Сега стигнавме до точка кога дури и некои спин-доктори мислат дека тоа веќе нема поента. 'Мислам дека сите некако почнаа да го препознаваат. Сите, новинарите, секој може да прогледа низ него,' објасни Џејмс Карвил кој некогаш за политичкиот спин беше она што Пикасо е за уметноста," стои во текстот на магазинот.
Според нив, спинот сега одвај е забава, и тоа "забава која не забавува." Ова тие го поддржуваат со бројките што ги имаат од телевизиите, кои според нив се повеќе избегнуваат програми кои ги водат "спинери," и на нивна сметка почнуваат со оригинални содржини (конкретно за СиЕнЕн, тоа неодамнешниот ангажман на Ентони Бордејн и Мајк Роув).
Според основачот на Campaign Media Analysis Group, Еван Трејси, спинот толку многу е искористен што тој веќе сам себе се поништува, плус денес толку се поларизирани двете страни (иако звучи познато, збори за САД) што паметните спин-мајстори немаат простор да пристапат нијансирано до некоја тема.
"Зошто издиша спинот? Заради комбинација на хипер-поделеност и лудило на социјалните медиуми кое создаде ситуација во која секоја порака од спин-мајсторите или ТВ реклама изгледа претерана до толкави граници што тие инстантно стануваат безначајни - посебно затоа што се обраќаат на публика која или (а.) веќе е комплетно посветена на едната страна или на другата, или (б.) на толку софистицирани корисници на социјалните медиуми што тие едноставно не веруваат во глупостите," пишуваат Хадас Голд и Мајкл Хирш во текстот за Политико.
Дополнително, Трејси објаснува дека спинот е толку сеприсутен што тој е претворен во позадинска галама - секогаш е тука, а никогаш не е забележан: "Го имаш овој прогрес на перманентната кампања, што значи дека сме останале во фаза на кампања и никогаш не сме преминале во фаза на владеење."