Специјална германска единица купува оружје за Украина

Министерството за одбрана на Германија формирала специјална воена единица која е посветена исклучиво на исполнување на украинските барања за повеќе оружје. Кога Киев ќе испрати нарачка, германскиот Sonderstab го наоѓа потребното оружје во индустријата и склучува договори по итна постапка, заобиколувајќи ги сложените бирократски процедури.

Специјалниот штаб за Украина има највисоко ниво на безбедност во Министерството за одбрана на Германија. Дејствува исклучително дискретно, поради што некои во Берлин го нарекуваат „герилска единица“.

Sonderstab е центарот за канализирање на годишната воена поддршка од 11,5 милијарди евра што Берлин му ја обезбедува на Киев. Малото одделение со дваесетина офицери е „негермански“ ефикасно – склучува договори по итна постапка, понекогаш за само две недели.

Имаме исклучително кратки синџири на одлучување. Тоа нè прави агилни и флексибилни, изјави за Фајненшл тајмс бригадниот генерал Јоахим Кашке, командантот на единицата.

Клучот е во начинот на кој се структурирани договорите. Оружјето за германските вооружени сили вообичаено поминува низ агенција за набавки со 13.000 вработени. Според моделот на Sonderstab, договорите ги потпишува Киев, а не Берлин, што овозможува набавките да го заобиколат бирократскиот апарат. 

Одделението се издвои од специјалниот оперативен центар при Министерството за одбрана, формиран по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Германија оттогаш потрошила 56,7 милијарди евра за оружје за Украина, според податоци од Федералната влада - од евтини офанзивни дронови па сè до системи за противвоздушна одбрана вредни стотици милиони евра.

Првично, Берлин испраќаше противтенковско и противвоздушно оружје од залихите на воените сили, но офицерите набрзо заклучија дека на Украина ѝ е потребна опрема каква што нема во европските војски. Фокусот се префрли на одбранбената индустрија.

Важноста на оваа единица порасна за време на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, кој ја ограничи американската воена поддршка за Киев. Германија лани стана најголемиот снабдувач на оружје и опрема за Украина. Канцеларот Фридрих Мерц го зголеми буџетот за воена помош за Украина на 11,5 милијарди евра за оваа година.

Моделот на забрзана постапка покрена легални прашања, бидејќи Украина одлучува како се трошат германски средства. Функционери и директори на индустриски капацитети изразија загриженост за ризиците од корупција и за тоа дали германските компании добиваат доволен дел за посредувањето. Кашке тврди дека неговиот тим ги проверува цените и роковите за испорака на договорите финансирани од германските даночни обврзници.

Генералот објаснува дека Sonderstab прераснува од одделение за набавки во центар за размена.

Германија ги користи украинските искуства од бојното поле во војувањето со беспилотни летала и добива пристап до борбени податоци, вклучително и информации од украинскиот систем „Делта“, кој ги комбинира податоците од сателити, сензори, беспилотни летала и пресретнати руски комуникации. Тие ги прилагодуваат своите системи и тактики. Нашите системи мора да го следат тој чекор, вели Кашке.

17 септември 2026 - 10:49