Репортажата на Блумберг од Панама покажува дека во каналот се гледаат пенушки од дрвата исечени за негово пробивање. Ова не е невообичаено за време на сушниот период, но обично се коригира по сезоната на дождови. Проблемот е што сезоната на дождови само што заврши, а тие уште се видливи.
Овој проблем сега блокира глобална трговија со годишна вредност од 270 милијарди долари и нема лесно решение за него.
Додека да го решат проблемот, моменталното ниво на водата е 1,8 метри под вообичаеното, надлежните за каналот го ограничија бројот на бродови кои можат да преминат преку него. Сега каналот го минуваат максимум 24 бродови на ден, што е далеку под просекот од пред сушата од 38 бродови.
Во вообичаени услови преку Панамскиот канал минува околу 3% од глобалната поморска трговија и 46% од сите контејнери кои се движат од југоисточна Азија до источниот брег на САД. Каналот е и најголемиот извор на приходи за Панама кој на државата во 2022 и донесе 4,3 милијарди долари.
Панамските власти предлагаат создавање на вештачко езеро од кое ќе се полни каналот и „сеење облаци“ за зголемување на врнежите, што дури и да се возможни ќе бидат неопходни долги години за да се спроведат.
Долгорочното решение е да се направи брана на реката Индио, да се ископа 8 километарски тунел низ планина за да се постават цевки кои ќе носат вода до езерото Гатун, кое е главниот резервоар на каналот. Процената е дека сето ова ќе чини 2 милијарди долари, и дека ќе треба најмалку 6 години за да се заврши целиот проект.
По овој зафат, бројот на бродови што го минуваат каналот би бил плус 11 до 15 брода на сегашните 24.
Освен пари и време, сето ова ќе бара одобрение од панамскиот конгрес и согласност од илјадници земјоделци и сточари чии земјишта ќе бидат преплавени за да се направи простор за браната.
За разлика од други канали, како Суецкиот кој е на морско ниво, Панамскиот е слатководен канал кој зависи од вештачки езера и дожд. Каналот прв пат почнува да работи во 1914.