Бразилската асоцијација на одгледувачи на соја започнаа кампања за укинување на доброволната забрана за трговија со култури жнеени на тазе расчистени пространства (а.к.а. соголени шуми). Тие во ова имаат поддршка и од бразилскиот претседател Болсонаро кој и не е нешто посебно наклонет кон зачувување на Амазон.
Во 2016-2017 Бразил беше најголемиот извозник на соја во светот, испорачувајќи 60,3 милиони тони соја на најразлични локации низ планетата. За исполнување на побарувачката речиси секоја година се покосуваат стотици хектари од амазонската шума, и инстантно се претвораат во нови ниви.
Деновиве на ова се спротивставија некои од најголемите трговски ланци во Европа, како Керфур, Теско, Асда, и слични кои испратија писмо до бразилскиот претседател во кое бараат неговата влада да престане со дополнително уништување на амазонската шума заради производство на соја.
67-те компании потписници на писмото се заканија дека ќе ја прекинат набавката на бразилска соја доколку не се престане со уништувањето на Амазон, наведувајќи дека раст на производството на соја е возможно и без дополнително сечење на шумата.