Неговата смрт се толкува како крај на ерата на оригиналните руски олигарси кои на најневеројатни начини во текот на 90-те од ништо се претворија во едни од најбогатите луѓе на светот.
Последните години од животот Березовски ги мина во судски спорови со Роман Абрамович, околу сопственоста на нафтената компанија Сибнефт, и директни расправии и опозиционирање на актуелниот владетел на Кремљ - Владимир Путин.
Меѓутоа во 90-те, никој во Русија не беше побогат, помоќен и политички поврзан отколку Березовски.
Неговата демонстрација на моќ се случи за време на претседателските избори во 1996-та, кои Јелцин речиси сигурно ги губеше од Комунистичката партија. Тогаш, предводени од Березовски, руските олигарси застанаа во помош на Јелцин за да го заштитат своето богатство. Со еден контроверзен потег, кој ќе има долгорочни последици, олигарсите дадоа стотици милиони долари кеш за повторен избор на Јелцин, во замена за удел во некои од најголемите индустриски џинови на Русија. Березовски ја сврте својата медиумска империја во корист на Јелцин, и тој на крај победи. Олигарсите ги наплатија своите акции и станаа уште поневеројатно богати.
Ако тогаш Березовски не реагираше, Русија ќе се вратеше под власт на комунистите, што комплетно ќе ја променеше историјата на земјата и настаните кои следуваа.
Меѓутоа Березовски беше и човекот кој во 1999-та ја започна пропаста на сите стари олигарси. Кога во 1999-та Јелцин бараше замена, доверливиот Березовски, со целиот свој авторитет го предложи и застана зад Путин, кого го познаваше прво од Кремљ, а потоа и од ФСБ (наследникот на КГБ). Березовски беше сигурен дека Путин ќе биде неговиот човек на чело на Русија, а Јелцин реши да го послуша и да го избере за наследник.
Сепак, се покажа дека Путин не е Јелцин. Кога дојде на власт тој почна да инсистира олигарсите да не се мешаат во политиката. Кога Березовски одби, двајцата се скара. Во 2000-та, тој бега од Русија и бара азил во Лондон, од каде постојано (но без ефект) го критикуваше владеењето на Путин.
На крај, Березовски немаше никакво влијание врз руската политика. По повеќето судски процеси остана без пари (барем без онолку колку што навикнал да има) и без компаниите и капиталот кој ги поседуваше, при крајот тој дури го продаде и омилениот портрет на Ленин, изработен од Енди Ворхол.
Березовски дипломирал на Факултетот за шумарство, од 69-та до 87-ма работи како асистент истражувач а подоцна и шеф на Институтот за менаџмент на проблеми на Советската академија за науки.
Тој влегува во Кремљ во 1993-та, откако успева да го натера Валентин Јумашев, да почне да ги пишува мемоарите на Јелцин.
Во 1994-та, тој е првиот човек во Русија на кого е извршен обид за атентат со автомобил бомба.
Се уште се утврдува причината за неговата смрт.