Смртоносните последици на шарените слогани

Анализа на тоа до што доведе некогаш клучниот слоган на американските протести за дефундирање на полицијата, еквивалент на овдешниот „Нема правда, нема мир.“ Сега таму размислуваат како полицијата да се „рефундира.“ Овде е поинаку, овде дојде правда.

Во бурните летни денови на 2020 година, се чинеше дека нема човек на американска улица кој на транспарент или на маица не носи слоган „Defund the Police,“ фокалното барање на Блек Лајвс Метер протестите инспирирани од убиството на Џорџ Флојд од страна на полицаецот од Минесота, Дерек Шовин.

Дури и во земји како Велика Британија кадешто полицајците не се вооружени а моделот на финансирање на полицијата е сосема различен од САД, разбудените се наредија зад тој чуден повик полициските сили да останат без средства а во Гардијан осамна наслов: „Одговорот на полициското насилство не е „реформа“. Одговорот е дефундирање.“

Брзо овена таа идеја и денес ретко може да се слушне, слично како „Нема правда, нема мир“. Од некогаш моќниот крик денес не остана ни ехо.

„Не е тешко да се види зошто. Овој слоган се покажа како смртоносен. Тој предизвика неизбежна катастрофа во многу градови во САД. Скратувањето на буџетите на полицајците не доведе до нова цветна полиција и расна правда како што фантазираа дефундирачите. Напротив, тоа помогна да се поттикне насилниот криминал, дополнително да се дестабилизира урбаниот живот и да се направи животот уште потежок, особено за сиромашните црни и кафеави заедници. Лекцијата овде е јасна: будноста убива“, пишува Брендан О'Нил. 

Идејата беше заводлива: колку помалку пари за тешката и расно пристрасна полициска рака, толку повеќе пари за корисни социјални сервиси, медицинска грижа, младински иницијативи (кај нас маваа со јајца по оние лавови на мостот Гоце Делчев, се трошеле парите за „Тамари“; Шилегов фукна 500.000 за полјана на плоштад и 700.000 за тревник на Мавровка - штурци).

„Реалноста можеше да ја предвиди секој кој не живее во оградени и со редарски служби заштитени квартови на богатите и кој вестите не ги добива само од Њујорк Тајмс“, вели О'Нил.

„Градот започна да го преполовува буџетот на полицијата а потоа криминалот почна да расте“, објави истиот тој Гардијан, нецела година откако сподели мислење дека само дефундирање му е мајката, во сторија за Окленд во кој бројот на убиства се зголеми за 40% а ситуацијата стана толку лоша што петмина црни полицајци напишаа отворено писмо дека „допрва ќе одат животи ако полицијата и натаму се отстранува без соодветна алтернатива за заштита на граѓаните.“

Слични бранови на насилства им се случија и на другите градови кои почнаа да прават планови за намалување на буџетите или пак тоа веќе го спроведуваа. Рекорден број убиства имаше Индијанаполис, Филаделфија го сруши рекордот од далечната 1990-та година а во самиот Њујорк, 72 од вкупно 77 полициски окрузи бележат зголемен криминал во првите недели на 2022 отколку во истиот период лани. Во цела Америка, убиствата во 2020 беа пораснати за 30% а во 2021 продолжија да растат.

„Ниеден кварт не е сигурен,“ вели полицаец од Бруклин, Њјујорк, градот чии власти им ветија на шарените дека ќе го скратат полицискиот буџет за неверојатни една милијарда долари (Оказио-Кортез бараше 1,5 милијарди).

И на полицијата на Лос Анџелес им беза земени и пренасочени 89 милиони долари, со тажна предвидливост: во 2021 ЛА имаше најмногу убиства во последниве 15 години.

Сега е друга песна.

Наместо „дефундирање“, многу либерални градови се занимаваат со идејата за „рефундирање“ на полицијата. Градоначалничката на Сан Франциско, Лондон Брид која своевремено беше благонаклона кон идејата за дефундирање, сега порачува дека во иднина „ќе бидам далеку понетолерантна за срањето кое ни го уништи градот“.

Меѓутоа, иако дефундирањето стана рефундирање, прашањето останува: како на тоа „срање“ му беше дозволено да ги уништи “градовите“? Како толку луѓе поверуваа дека со помалку полицајци на улиците, градските заедници - особено црните - ќе бидат побезбедни?

„Нема правда, нема мир!“
Кичеец, од небрежност.

13 февруари 2022 - 11:33