Швајцарија ќе забрани возење електрични возила

Ако на Швајцарија зимава почнува да и снемува струја и почне да воведува рестрикции, државата, меѓу другото, ќе го забрани користењето на електрични возила за натаму-наваму.

Во случај на криза, сопствениците на Тесли и слични возила, ќе смеат истите да ги користат само за „есенцијални патувања“: возење на работа, посета на доктор, религиозни настани, судски рочишта и купување храна.

Освен електричните возила, во планот за итни ситуации се предвидува намалување на работното време на продавниците за по 2 часа на ден, гасење на греењето во ноќните клубови и стишување на греењето во другите објекти на не повеќе од 20 степени Целзиусови.

Проблемот за Швајцарија е што иако статистички произведува доволно енергија за да не мора да стравува, производството не е рамномерно секој месец во годината, туку достигнува пикови во пролет и лето, а паѓа во есен и зима.

Заради ова Швајцарија стандардно пола од годината извезува струја, а другата половина увезува од соседните земји, кои пак вишокот енергија го добиваат од природен гас што до сега го увезуваа од Русија.

5 декември 2022 - 11:06