Речиси една година од претседателствувањето на Доналд Трамп, граничниот ѕид кој страсно го промовираше во текот на неговата изборна кампања се сведе на осум прототипови, долги по околу 9 метри, сместени во пустината во близина на Сан Диего.
Конгресот не го одобри финансирањето на проектот надвор од фазата на тестирање. Нема конечен дизајн. И покрај најавите на Трамп дека Мексико ќе плати за ѕидот, таа земја ниту потроши ниту има намера да потроши ни пезос.
Ѕидот, централниот емотивен дел од популистичката кандидатура на Трамп, повторно исплива на површина откако после даночното законодавство, Вашингтон го става акцентот врз борбата против владините трошења до крајот на фискалната година.
Тензиите околу имиграцијата се вратија во центарот на вниманието откако Демократите се обидоа да ја искористат мерката за јавната потрошувачка за да ја вратат правната заштита против депортацијата на стотици илјади луѓе кои како деца се илегално донесени во САД. Трамп изјави дека за возврат би сакал договор за финансирање на ѕидот и продолжи да притиска за неговата изградба дури и за време на прославата за даночните реформи кои ги изгласаа Републиканците.
„Не сум изненадена што по една година од неговото претседателствување прашуваме зошто не е изграден тој ѕид“, вели Барбара Пери, историчар од Универзитетот во Вирџинија. „Тоа беше едно од претерувањата кое што никогаш нема да се реализира“, вели таа.
Трамп од време на време покажува дека е фрустриран заради темпото со кое што напредува ѕидот, но сепак е уверен дека на крајот ќе биде изграден.
„Ќе го добиеме ѕидот“, рече Трамп на 8 декември во Белата куќа. „Ако не го добиеме ѕидот, тогаш ќе има многу несреќни луѓе, почнувајќи од мене“.
Прототипите, кои беа завршени во октомври во близина на Сан Диего, беа финансирани со пари кои беа пренаменети од буџетот на Одделот за домашна безбедност. Трамп потпиша извршна наредба во јануари, повикувајќи го одделот „веднаш да го планира, дизајнира и да изгради ѕид долж јужната граница“.
Структурите се високи околу 9-10 метри и вкопани околу два метра, во моментов се тестира нивната издржливост а се прават и други проценки, како на пример околу естетиката.
„За сè што ќе правиме во 2018 година ќе биде потребно одобрување“, изјави заменик-комесарот за царинска и гранична заштита на САД, Роналд Витиеел, откако беа завршени прототипите. За 2018 година од оваа служба побараа 1,6 милијарди долари за граничниот ѕид. Претставничкиот дом предвиде средства во буџетот, но мерката не беше одобрена од Сенатот.
Дури и секретарот за внатрешна безбедност смета дека ѕид не е неопходен долж целата граница.
„Нема потреба од ѕид кој ќе се протега од едниот до другиот брег“, рече Кирстјен Нилсен.
Покрај финансирањето, ѕидот може да наиде и на други пречки, како сопственичките права, грижата за животната средина и географските фактори кои би можеле да ја отежнат градбата на неколку делови од границата.
Се проценува дека изградбата на ѕидот ќе чини од 12 милијарди долари до 21,6 милијарди долари. Мексиканската влада категорично одби да учествува во неговото финансирање.
„Нашата земја нема да плати под никакви околности“, соопштија во август од мексиканското министерство за надворешни работи. „Оваа изјава не е дел од мексиканската преговарачка стратегија, туку принцип на националниот суверенитет и достоинство“.