Се судрија Викиликс и Панамџиите

"Ние не сме Викиликс туку сериозно новинарство," надмено ја фрли ракавицата за двобој првиот човек на меѓународниот новинарски конзорциум кој ги објавува оф-шор податоците од Панама. Викиликс не останаа должни па ги обвинија за политичка манипулација  оркестрирана од Сорос и американската влада преку УСАИД, со цел да му се наштети на Путин.

Новинарскиот конзорциум кој ја менаџира аферата со Панамските документи најави дека не се планира објавување на целиот сет податоци кои го поседуваат.

"Ние не сме Викиликс, ние се обидуваме да покажеме дека новинарството може да се работи одговорно", го цитираа Wired директорот на конзорциумот Џералд Рајл.

Иако можеби првичната намера му беше да објасни дека нема да истекуваат приватни податоци туку само оние кои се од јавен интерес на засегнатите земји, многумина оценија дека се работи за низок и непотребен удар врз Викиликс, пионерите во борбата за современата транспарентност на меѓународните политички дубари.

"Да цензурираш 99% од документите кои ги имаш значи да си 1% во новинарството," остро возвратија Викиликс на Твитер.

И не останаа само на тоа туку ги обвинија дека зад целиот скандал стои Сорос и американската Влада а главна мета им е Владимир Путин.

Дека рускиот претседател беше најочекуваниот плен од скандалот можеше да се види и од западниот печат кој побрза аферата масовно да ја илустрира со насловни фотографии од Путин иако неговото име не се појави ниеднаш во досега објавените документи.

Според Марјановиќ, со самото тоа што за пробивање е одбрана фирма за која се знае каква клиентела опслужува, првенствената намена на скандалот е да се покаже колку лоши и корумпирани се диктаторите од третиот и вториот свет. Тоа што меѓу имињата се појави и по некое име од првиот свет како што е исландскиот премиер, тоа е разбирлива шаховска жртва "пешак за ловец," објаснува тој за Advance.hr (во платената верзија).

Во неселективноста на вистината која ќе дознаеме од обелоденетите документи од панамската  Мосак Фонсека не се сомневаат само Викиликс туку и многу други кругови, со самото тоа што еден од главните финансиери на новинарскиот конзорциум е контроверзниот Џорџ Сорос. 

Нејзин основач е Јурген Мосак, човек со занимлива семејна историја. Неговиот татко, Ерхард, бил член на нацистичките СС единици за по војната  - што не е редок случај - да започне да работи за американската Влада и завршува во Панама како шпион на ЦИА. Додека татко му работи за своите нови шефови, Јурген завршува факултет и со неполни 30 години започнува бизнис на сервисирање на коруптивните потреби на големи светски ѕверки. 

Дури и разумниот Милош Васиќ смета дека во овој момент не се поставуваат вистинските прашања околу скандалот: кој и зошто токму сега е пробиена Мосак Фонсека.

"Оваа најнова Панама изгледа подлабоко и посериозно отколку што може да се каже по спомнувањето на естрадни или спортски величини на кои површните новинари веднаш се налепија. Но, со тоа сè уште никој не се занимава", вели Васиќ за белградско Време.

п.с. Отпосле ни текна да ѕирнеме па малку се стаписавме: проверете на кој било агрегатор колку мк медиуми подржани од Сорос известија за ова. Спојлер: нула. Па они не смеат да гукнат кога Сорос ќе им го спомнат едни Викиликс (не Руска реч) и после ќе си збориме за слободно и балансирано известување. Ај едниве медиуми ги гуши челичната рака на ВМРО ама "слободариве" шо толку прпа?

 

6 април 2016 - 20:57