Бајден речиси сигурно ќе го пропушти мировниот самит за Украина што следниот месец ќе се одржи во Швајцарија, затоа што тој е во исто време со донаторска вечера во Холивуд за неговата изборна кампања на која ќе присуствуваат Клуни, Џулија Робертс и други.
Самитот е закажан за 15 и 16 јуни, темпиран точно по средбата на лидерите на Г7 во Италија, меѓутоа ниту Бајден, ниту неговата заменичка Камала Харис нема да бидат присутни во Швајцарија.
Бајден од Италија директно ќе лета за Лос Анџелес каде вечерата му е закажана за 15 јуни, а таму се очекува да биде и неговиот поранешен шеф Барак Обама.
Потегот на Бајден се толкува како показател дека тој полека почнува да ја приоретизира кампањата, за што посебно го притиска и тоа што во април за прв пат до сега Трамп успева да собере повеќе пари од него (76 наспроти 51 милион долари).
„Тоа исто така го одразува и се поширокиот песимизам околу конференцијата која Швајцарија се согласи да ја организира во јануари годинава за време на посетата на Зеленски,“ пишува Блумберг.
И покрај отсуството на Бајден, на средбата се очекува да бидат Трудо, Шолц и јапонскиот премиер Фумио Кишида. Кина откажа учество, а Путин не беше поканет.
Неколку денови претходно, на 10 и 11 јуни, во Москва ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на БРИКС.