Сириските демократски сили (СДФ), во основа курдската страна во војната, во свое заробеништво имаат над 500 џихадисти, и стотици нивни жени и деца. Проблемот е што ниту планираат сами да ги судат, ниту планираат да ги чуваат.
Терористите се од 44 различни држави и како по правило матичните држави немаат намера да ги приберат назад.
„Околу 520 платеници на Даеш, како и 550 жени и околу 1.200 деца од 44 држави, се во притвор на СДФ.
Ова е тежок товар што не можеме сами да го носиме.
Се обидуваме колку што можеме да извршиме притисок врз странските влади да ја спроведат својата должност и да си ги преземат своите граѓани,“ изјавил за АФП курдскиот претставник за надворешни работи, Абдел Карим Омар.
Курдите не објаснија како ќе го решат проблемот ако тој се пролонгира на подолг период.