Само лудак би бил Премиер

Првиот човек на италијанскиот централно лев блок, Пиер Луиџи Берсани, заврши во ќорсокак обидувајќи се да формира влада по неодамнешните избори во земјата, и откажувајќи се од идејата порача - само ментално болен човек би сакал сега да ја води Италија.

Неговите обиди за формирање беа отфрлени од движењето Пет ѕвезди, предводено од комичарот Бепе Грило, со што Берсани ќе мора да се откаже од идејата дека ќе стане премиер.

"Само ментално болен човек може да има желба сега да владее со Италија. Да бидеме на чисто: јас сум подготвен да превземам огромен дел од одговорноста, но барам и сите други да преземат малку одговорност на себе," изјавил Берсани на состанокот со политичарите од Пет ѕвезди.

Движењето на Бепе Грило неочекувано освои 25% од гласовите и моментално е одлучувачка сила за формирање на владата. Доколку не успеат преговорите, Италијанците повторно ќе треба да гласаат во јуни.

Берсани комплетно исклучи правење коалиција со централно десната партија на Берлускони, која беше втора на изборите.

27 март 2013 - 18:40