По 13 дена засилени воздушни напади врз Иран, Пентагон во петокот ја прекина кампањата, откако советниците го известиле претседателот Доналд Трамп дека „им снемува цели“ и изразиле загриженост поради исцрпувањето на арсеналот.
Не е прогласено официјално примирје, но во саботата и неделата не бил пријавен ниту еден напад. Иран објави дека ќе ги запре сопствените напади сè додека мирува оружјето на САД.
Извори на NBC News од Вашингтон изјавија дека во изминатиот период американските воени команданти внимавале да се заштеди муниција и да се намалат трошоците. Свесно одлучувале да не пресретнуваат одредени ирански ракети и беспилотни летала кога тие отстапуваат од курсот или не се очекува да ги погодат директно американските сили.
Поранешен американски функционер ја опиша политиката на селективно пресретнување како пример за „креативно размислување“.
Централната команда на САД ја проценува секоја закана што доаѓа и ги чува пресретнувачите за оние проектили за кои се смета дека претставуваат реална опасност. Се потпира на искуството дека иранските ракети генерално се помалку прецизни од пософистицираното американско оружје и честопати ги промашуваат планираните цели.
Телевизијата забележува дека Пентагон не склучил нови договори со одбранбени компании за производство на дополнителни ракети или пресретнувачи, и покрај загриженоста дека војната со Иран ги исцрпува постоечките залихи. За да ги задоволи тековните потреби, Министерството за одбрана префрли муниција кон Централната команда од други воени региони и залихи.
И покрај обемните американски и израелски напади врз Иран од февруари наваму и обновените воени операции во изминатите две недели, Иран покажа дека сè уште поседува ракети и беспилотни летала со кои може да гаѓа избрани цели. Погодени и оштетени се регионалниот штаб на американската морнарица во Бахреин и базите на копнената војска во Кувајт. Штети има и и во Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Јордан и Ирак. Се очекува поправките да чинат милијарди долари.
САД пред неколку месеци повлекоа илјадници војници од базите во регионот на Персискиот залив, но задржуваат контингент од околу 50.000 војници и персонал што се смета за неопходен.
******
Види и: САД ја заострија војната без доволно муниција
Америка не може вечно да го бомбардира Иран