САД им се враќаат на атентати врз странски лидери?

Уште со првиот удар од „превентивната“ војна врз Иран, САД и Израел во заедничка операција го убија врховниот лидер Али Хамнеи. Вашингтон одамна јавно се откажа од атентати врз лидери на држави. Новата технологија и софистицираното оружје им отвора таква можност, но мора да се имаат предвид стратешките и моралните импликации.

Во раните години од Студената војна, ЦИА тајно организираше ликвидации на странски лидери. Собираше разузнавачки операции и обезбедуваше оружје, но атентатите вообичаено ги извршуваа локални американски сојузници.

САД не можеа целосно да ги исклучат атентатите како стратегиско оружје во пошироката конфронтација со Советскиот Сојуз, кој се сметаше за семоќен и ужасен непријател, објаснува Лука Трента, професор на Универзитетот Свонси во Британија и автор на книга за атентатите во надворешната политика на САД.

Типичен пример е атентатот врз Рафаел Трухиљо, диктаторот на Доминиканската Република, во 1961 година. Администрацијата на претседателот Двајт Ајзенхауер го организираше отстранувањето на Трухиљо, но го застрелаа доминикански дисиденти. ЦИА во 1960 година им испрати отров на атентатори во Конго за да го ликвидираат премиерот Патрис Лумумба. Во 1960-тите ЦИА смислуваше стотици сценарија за убиство на кубанскиот лидер Фидел Кастро, вклучително со отровно пенкало и бомба поставена во пура. Ниту еден план не успеа и Кастро владееше уште четири децении.

Сето ова се правеше во сенка, без знаење на американската јавност. Одговорноста беше откриена по обелоденување на строго доверливи документи. Истрагата предводена од сенаторот Френк Черч во 1975 година потврди дека САД биле вмешани во заговори за убиства на странски лидери.

Атентатите не се компатибилни со американските принципи, меѓународниот поредок и моралот, оцени Комитетот и побара атентатите да се отфрлат како алатка на надворешната политика.

Во 1976 година, претседателот Џералд Форд ѝ забрани на владата на САД да се вклучува во политички атентати.

Истрагите на Черч создадоа чувство дека можеби сме демократија и треба да бидеме различни од непријателите против кои наводно се бориме, вели Трента.

Историчарот Тимоти Нафтали од Универзитетот Колумбија објаснува дека консензусот против атентатите бил рефлексија на неколку фактори, пред се на јавното незадоволство по Виетнамската војна и скандалот Вотергејт. Политичката елита сè уште беше погодена од атентатите врз претседателот Џон Ф. Кенеди, неговиот брат Роберт Кенеди и борецот за граѓански права Мартин Лутер Кинг Џуниор.

Форд не сакаше да ја користи оваа алатка, а неговите наследници Роналд Реган и Џими Картер ја проширија забраната. Во следните дваесетина години САД се воздржуваа од атентати, со неколку исклучоци. Во 1986 година го бомбардираа семејниот комплекс на либискиот лидер Моамер Гадафи, а во 1990-те, два пати ги нападнаа палатите на ирачкиот лидер Садам Хусеин.

Ние не вршиме атентати, но да, ги таргетиравме сите места каде што можеби бил Садам, изјави тогаш Брент Скоукрофт, советник за национална безбедност на претседателот Џорџ Х.В. Буш.

Политиката се промени по терористичките напади на Ал Каеда врз САД на 11 септември 2001 година. Конгресот ги одобри сите потребни средства за гонење на виновниците. САД ја прифатија новата технологија – вооружен дрон, за да ликвидираат команданти на Ал каеда врз целиот свет. Еден од првите високи функционери што беше ликвидиран беше иранскиот генерал Касем Солејмани, кој беше убиен во Багдад во напад одобрен од претседателот Трамп.

Во војната против Иран, САД обезбедиле разузнавачки информации за локацијата на Хамнеи, а проектилите ги истрелале Израелците. Трамп се пофали дека „Хамнеи не бил во можност да ги избегне разузнавачките системи за следење“.

Технологијата понекогаш нè води на места каде што не сме биле порано, пред да бидеме подготвени за неа. Треба да ги разгледаме стратешките, филозофските и моралните импликации од тоа, вели Нафтали.

18 март 2026 - 09:36