САД бараат оружје од Киев против иранските дронови

Пентагон и најмалку еден сојузник на САД од Блискиот Исток се во преговори со Киев за купување евтини оружја кои во војната во Украина се покажаа ефикасни во одбраната од ирански проектили Шахед. За да уништат дрон од 30.000 долари, арапските земји користат ракети што чинат милиони. Плус, брзо им се троши муницијата.

Сојузниците на САД на Блискиот Исток бараат од Трамп што побрзо да ја заврши војната со Иран. Ако војната продолжи, ќе им снема ракети што пресретнуваат ирански проектили и дронови. За да се одбранат од евтините ирански летала, САД и нивните сојузници сега користат скапи пресретнувачки ракети од системите Патриот. Иран веќе лансираше 19 бранови напади со проектили и дронови врз Израел и врз базите на САД во арапските земји. 

Еден ирански дрон Шахед чини околу 30.000 долари, додека цената на пресретнувачките ракети од системот Патриот е околу 13,5 милиони долари по парче. Се проценува дека Иран складирал десетици илјади беспилотни летала. Може лесно да ги скрие и да ги лансира од каде било, со што се избегнува тактиката на САД и Израел за напади врз фиксни и мобилни лансери и магацини со проектили. 

Алтернатива е примената на искуствата од Украина, која во војната против Русија разви специфична стратегија за одбрана од дронови, особено од иранските Шахед, кои Москва во изминатите неколку години масовно ги купуваше од Техеран. 

Проблемот е што и на Украина ѝ снемува муниција во војната против Русија, особено откако Доналд Трамп ги намали испораките за да го притисне Киев да преговара за мир. Претседателот Володимир Зеленски завчера изјави дека е во контакт со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани, и со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, за употреба на украинска технологија против дронови.

Експертизата на Украина во борбата против беспилотните летала Шахед е моментално најнапредна во светот. Сепак, секоја соработка за заштита на нашите партнери може да продолжи само без намалување на нашите сопствени одбранбени капацитети, изјави Зеленски. 

Киев користи поевтино оружје – од митралези поставени на камиони, до наведувани пресретнувачи што се побрзи од дроновите Шахед, чија максимална брзина е 185 километри на час. Украина ги користи и дроновите со фиксни крила Меропс и квадрикоптер во форма на куршум Стинг, развиен од украинска компанија и распореден за одбрана на Одеса. 

Анализа на Кирсти Грико, експерт од Центарот Стимсон во Вашингтон, покажува дека трошоците за одбрана на американските сојузници од иранските напади не се одржливи на долг рок. Обединетите Арапски Емирати пресретнале 92% од иранските ракети и беспилотни летала. Ова вклучува 165 балистички ракети, 541 беспилотни летала Шахед и две крстосувачки ракети.

Грико проценува дека Иран потрошил помеѓу 11 и 27 милиони долари за дроновите со кои ги нападнал Емиратите. За да се соборат 506 дронови Емиратите потрошиле помеѓу 253 и 759 милиони долари. Ова значи дека одбраната била 20 до 30 пати поскапа од нападот.

Математиката очигледно е во корист на Иран во оваа стратегија на исцрпување, бидејќи не знаеме точно колку дронови Шахед би можеле да имаат во своите залихи. Но, тие сигурно се многу повеќе од вкупните залихи од пресретнувачки ракети што се достапни, вели Грико.

Забрзано се трошат и залихите од офанзивни проектили на САД. Претседателот Трамп изјави дека нападите врз Иран би можеле да продолжат четири до пет недели, а министерот за одбрана Пит Хегсет синоќа спомна осум недели. Се проценува дека американската војска би можела да користи до 400 крстосувачки проектили Томахавк во нападите, што е околу 10% од вкупниот арсенал.

Ако конфликтот продолжи, финансиската и логистичката асиметрија во борбата против иранските беспилотни летала ќе биде смртоносна за соседите на Иран. За САД, тоа не е егзистенцијален проблем. Кога ќе им снема муниција, ќе може да отпловат од Блискиот Исток. Нивните сојузници на Блискиот Исток немаат каде да бегаат, предупредува Грико.

И потенцијалните непријатели на САД внимателно ги следат испуканите проектили. Кина, на пример, полесно би се решила да почне напад врз Тајван ако знае дека САД немаат муниција за да го одбранат. 

5 март 2026 - 08:54