Рускиот премиер од неработење државно направил 35 милиони долари

По првичното чудење кој е и од каде е новиот руски премиер, Михаил Мишустин, следуваше чудењето од каде па сега овој државен функционер е милионер. Излезе дека правел пауза од државно.

Во ретко виден пример на човечка кадарност и капацитет Мишустин успеал да излезе со над 35 милиони долари од 2-годишниот ангажман во руската инвестициска групација УФГ, објавуваат неговите поранешни колеги како одговор на прашањата околу имотот на новиот премиер.

Ангажманот на Мишустин во УФГ е од 2008 до 2010.

Пред тоа тој работел како државен службеник во руското министерство за економија.

По тоа тој работи во руската даночна служба каде со тек на време станува прв човек на институцијата, од каде е изваден и назначен за премиер на Русија.

Мишустин во УФГ како партнер е дел од сопственичката структура со 25% учество во постојните фондови, и уште 25% во новите фондови.

Како партнер на Мишустин му следува еднаков дел од заработувачката на УФГ, што е 2% од средствата што ги менаџираат, и 20% од сите годишни приходи кои „го надминуваат успехот на таргетите од 5-8%“.

По оваа основа Мишустин во 2009 зема плата од 2,5 милиони долари. Откако ја напушта УФГ, групацијата во следните 5 години (2010-2015) му плаќа 33,5 милиони долари на семејниот труст на Мишустин за откупување на дел од нивниот удел. Во 2019 УФГ за непозната сума ги откупува и последните акции што ги поседува Мишустин.

Инаку кога Мишустин се приклучува кон УФГ, групацијата веќе менаџира фондови во вредност од 2 милијарди долари.

Според опозиционерот Навални семејството на Мишустин има имот од 45 милиони долари, а само неговата сопруга заработува 12 милиони долари во времето кога тој е во даночната служба.

7 февруари 2020 - 16:53