Руски разузнавачки авион над Вашингтон

Неколку важни објекти и инсталации на американската влада, вклучително и две нуклеарни бази се прелетани и евидентирани од рускиот разузнавачки авион Туполев Ту-214ОН. И тоа така треба.

Рускиот авион прво имал тура над југозападниот дел од САД, каде меѓу другото фотографирал воени бази, нуклеарни лаборатории и арсенал од нуклеарно и хемиско оружје. Потоа има и низок лет над Вашингтон ДЦ.

Летовите се дел од договорот Отворено небо, потпишан во 1992, а активиран во 2002-ра, и ова е прво прелетување на руски разузнавачки авион над САД по оваа основа.

Рутата на летање однапред е утврдена од руските и американските власти, а во авионот се и американски експерти кои го мониторираат снимањето на теренот.

Американците немаат направено возвратна посета на Русија затоа што Боингот што го спремаат за мисијата, ОЦ-135Б, се уште не е подготвен за целосно исполнување на задачата. Главно, нема домет колку што им е потребен за прелетување на договорената рута. Американската воена авијација „се надева“ дека до 2023 ќе имаат авион каков што им треба.