Русите чисти и за оштетените подводни кабли

Меѓу американските и европските разузнавачи постои се поголем консензус дека прекините и проблемите со подводните струјни и интернет кабли на дното на Балтикот се предизвикани од поморски несреќи, а не од руска саботажа, пишува Вол стрит журнал.

Нешто слично како со експлозијата на Северен тек 2, и за нападите на подводната инфраструктура инстантно беа обвинети Русите со објаснување дека тие се дел од нивната хибридна војна што ја водат низ Европа. Опасноста беше сериозно сфатена и од НАТО, од каде минатата недела објавија дека ќе започнат со нова операција за патролирање и надзор на Балтичкото море.

Во меѓувреме како што службите почнаа да работат, и американски и европски, така нивната истрага почна да покажува дека нема никакви индикации дека комерцијални бродови намерно или по наредба на Москва, ги влечеле своите сидра по дното на морето за да ги оштетат каблите.

Наместо тоа, тие доаѓаат до докази (како пресретната комуникација и друго разузнавање) дека се работи за инциденти предизвикани од екипажи без искуство кои работеле на лошо одржувани бродови.

Се работи за три инциденти во последниве 18 месеци во кои бродови што патуваат од или кон руски пристаништа се осомничени за оштетување на неколку клучни конекции во подводната инфраструктура за носење гас, струја и интернет кон милиони луѓе во северна Европа.

Едно од објаснувањата е дека Русите не би се нафатиле на вакво нешто бидејќи тоа ќе го привлече вниманието кон нивната операција за шверцување нафта и бродовите кои учествуваат во тоа, која моментално е од исклучителна важност за руската економија.

20 јануари 2025 - 11:12