Барањето од Москва следува откако Германија ги призна како геноцид злосторствата што ги има правено за време на колонијалното владеење во Африка.
„Русија го забележа двојниот пристап на Берлин кон официјалното признавање на злосторствата против човештвото што Германија ги има извршено во минатото како геноцид.
Додека тие ги признаваат злосторствата од колонијално доба како геноцид, Германија до сега не успеа истото да го направи во однос на опсадата на Ленинград и други злосторства против народите на Советскиот сојуз извршени за време на Втората светска војна.
Русија инсистира Германија официјално да ги признае овие злосторства на Третиот Рајх како геноцид,“ пишува во дописот од руската влада до властите во Берлин.
Москва не го прифаќа ни ставот на Берлин за платени репарации, порачувајќи дека не може да има правна поврзаност меѓу поствоените репарации и враќањето на човечка правда за сите преживеани на опсадата на Ленинград без разлика на нивната етничка позадина.
Русите имаат проблем и со тоа што Германија со години им исплаќала социјални бенефиции на поранешните припадници на Третиот Рајх, СС и соработници на Нацистичкиот режим.