Пред да влезе во Белата куќа, Трамп со пари беше кнап. Сега е милијарди во плус

Кога го започна својот прв мандат како претседател на Соединетите Американски Држави, Њујоркер објави дека неговите финансии се напнати. Во уште потешка кондиција беа на почетокот на неговиот втор мандат. Сега е во плус од 3,8 милијарди долари а можеби уште десет милијарди долари се на пат. 

Њујорк тајмс пишуваше дека Трамп се соочува со зголемен финансиски притисок пред неговиот втор мандат. Кулата Трамп на Менхетн не можела да ја покрие хипотеката, неговите терени за голф немале доволно промет за да ги покријат оперативните трошоци, а низа судски пресуди се закануваа да му одземат поголем дел од богатството.

Шест месеци по неговиот втор мандат, Њујоркер објави дека неговите финансии „значително се подобриле“ за 3,4 милијарди долари, поттикнати од странски зделки и проекти со криптовалути.

Тековната тужба на Трамп од 10 милијарди долари против Даночната управа може да додаде уште повеќе. Ја тужи агенцијата од  јануари, тврдејќи дека ги протекла неговите даночни информации до медиумите за време на неговиот прв мандат.

Иако Организацијата Трамп има самонаметнато правило против директно работење со странски влади, досега во вториот мандат на Трамп има склучено осум договори во странство. Пет од осумте договори се во Персискиот Залив.

Ерик и Доналд Џуниор кои ја водат Организацијата се вклучени во проект во Катар за голф клуб и вила со брендот Трамп во што учествува компанија со делумна државна сопственост. Слични проекти во Виетнам  и Саудиска Арабија генерираа десетици милиони хонорари за семејната компанија.

Голем дел од парите што течат кон Организацијата Трамп и кон самиот Трамп, не би биле можни без тој да е претседател, пишува Њујоркер.

Криптовалутите исто така многу придонесоа кон семејното богатство.  World Liberty Financial во кој учествуваа заработи најмалку 1,2 милијарди долари од своето основање во 2024 година. Асошиејтед Прес објави дека семејството Трамп продало речиси 50% од овој крипто бизнис за 500 милиони долари на компанија поврзана со владата на ОАЕ, управувана од член на кралското семејство на ОАЕ непосредно пред инаугурацијата на Трамп. Потоа, фонд на владата на ОАЕ инвестираше 2 милијарди долари преку офшор крипто берза, генерирајќи десетици милиони долари камата.

Питер Бејкер, дописник од Белата куќа за Њујорк Тајмс напиша дека никој во историјата го нема монетизирано претседателството како Трампови.

29 април 2026 - 12:18