Годишните нето трошоци на Британија за преминување на енергетски систем без фосилни горива лани изнесувале околу 15 милијарди фунти. Оваа сума е пресметана кога од многу повисоките давачки од Владата, домаќинствата и бизнисите, ќе се одземат придобивките како подобар квалитет на воздухот, поголема ефикасност и пониски трошоци за гориво.
Разликата помеѓу вложени и заштедени пари би требало да го достигне врвот од 30 милијарди фунти во 2029 година, по што минусот благо ќе се намалува уште цела деценија, покажува новиот извештај на Комитетот за климатски промени.
Критичарите тврдат дека амбициозниот рок за трансфер што го постави министерот за енергетика Ед Милибанд значително ги зголемува трошоците.
Ова е шлаканица од Милибанд за семејствата што се борат со зголемените цени. Тој бара од нив да потрошат уште десетици милијарди фунти за да ги оствари побрзо целите за нето нула емисии на гасови. Тоа само ќе им го отежни животот, изјави пратеничката од конзервативците Клер Кутињо од позиција на министерка за енергетика во сенка.
Лидерката на конзервативците Кеми Баденох, предупреди дека трошоците за трансформацијата ќе ја банкротираат Британија и вети дека ако дојде на власт ќе го укине климатскиот закон со дефинирани цели за намалување на емисиите.
Министерот Милибанд посочува на делот од извештајот што укажува дека просечните годишни трошоци за нето нула до 2050 година би изнесувале 26 милијарди фунти, но во исто време би се оствариле придобивки од 22 милијарди.
Прашање е дали лабуристите до тогаш ќе останат во позиција да ја спроведуваат политиката. Актуелниот шок со цените на нафтата и на гасот поради војната во Иран значително ќе ги оптовари сметките за струја на граѓаните додека лабуристите ветуваат дека ќе ги намалат сметките за 300 фунти пред следните избори.