Речиси можеше да се слушне како европските елити издишуваат со олеснување во неделата навечер, по објавувањето на резултатите од вториот круг на француските избори.
Откако десничарскиот Национален собир однесе огромна победа во првиот круг, францускиот естаблишмент и неговите поддржувачи психички се подготвуваа партијата на Марин Ле Пен да стане доминантна сила во францускиот парламент. Со денови, печатот го оплакуваше успехот на крајната десница додека разни буржоаски левичари мрачно зборуваа за подемот на фашизмот.
Вториот круг ги измеша местата. Левицата прва, коалицијата на Макрон втора, десницата трета.
Елитата ја избриша потта од челото, Гардијан пиша дека „победата на левичарскиот сојуз ја држи десницата далеку од власта“ а Меленшон рече дека „народот го избегна најлошото“.
Пирова е тоа победа поради идните сојузувања во парламентот а Марин Ле Пен рече дека нивната победа „само е одложена“: нејзината партија на овие избори, над 50% го зголеми бројот на пратеници и како самостојна партија е најголема во парламентот. Партијата на Ле Пен доби 37 отсто (10 милиони) од сите дадени гласови, далеку повеќе од 26-те отсто (седум милиони) на Левичарскиот фронт и 25-те отсто на коалицијата на Макрон (6,5 милиони).
Како и да е, јасно е дека постојано расте бројот на Французи подготвени да го дадат својот глас на партијата која во последниве години го отфрли својот политички токсичен имиџ (види: Како Марин Ле Пен направи „детокс“ на партијата на татко ѝ).
Има уште една причина зошто оваа „победа“ над популистичката десница е шуплива: начинот на кој до неа се дојде. Имено, овие останатите меѓусебно се договорија да повлечат над 200 свои кандидати од местата каде што Ле Пен имаше шанса да победи. Целта беше изборите да се прикажат како едноставен избор меѓу таканаречената екстремна десница и силите на антифашизмот.
Овие тактики не се нови. Францускиот политички естаблишмент, во сојуз со левицата, честопати ги претвораше националните избори во бинарен избор - за или против фашизмот. Најпознат пример беше во 2002 година, кога се спречи токсичниот расист Жан-Мари Ле Пен да го победи Жак Ширак на претседателските избори.
Поентата е што тие сегашни гласови за Левицата или Макрон не се за ништо; тие не се за одредена политичка програма или за одреден лидер, тие се само против.
„Овој релативен успех може да се врати како бумеранг. Чирлидерките на Левичарскиот фронт може да си замислуваат дека водат славна борба против воскреснатиот фашизам. Но, вистината е дека огромните делови од работничката класа на Франција кои сега гласаат за Ле Пен, не го прават тоа затоа што се расисти или неонацисти или пак се обидуваат да ја поткопаат републиката. Тие го прават тоа затоа што се загрижени за миграцијата, исламизмот, зеленизмот и сопствената маргинализација, а се соочуваат со политичките партии - од левицата и центарот - кои одбиваат воопшто да се занимаваат со овие прашања“, пишува Тим Блек.