Експерти на О.Н: Современи расно мотивирани линчувања во САД

Десетици експерти за човекови права на Обединетите нации направија директна паралела меѓу денешните убиства на невооружени црнци од страна на американската полиција со расните линчувања на црнци од почетокот на 1900-те.

Групата од 66 монитори за човекови права објавија критика за она што тие го нарекуваат „современи расни линчувања во САД во форма на полициско насилство против црните Американци поддржано од државата“.

По овој повод групата објавува две изјави поврзани со смртта на Џорџ Флојд и Бреона Тејлор, што претставува досега незабележан излив на критика од независното тело на експерти за човекови права на О.Н.

„Ретко кога толку многу се здружиле да зборуваат во еден глас. Јазикот што го користат исто така е крајно невообичаен во својата осудувачка критика на она што мониторите го нарекуваат ’фундаментална расна нееднаквост и дискриминација која го карактеризира животот во САД за црнците’,“ се порачува во текстот на Гардијан.

Она што е уште повпечатливо е дека експертите направиле директна паралела меѓу денешните убиствата на невооружени Афро-Американци од страна на полицијата и периодот на илјадници линчувања на расна основа кои ги тероризираа црните заедници во ерата на сегрегацијата.

„Афро-Американците и понатаму се тероризирани на расна основа преку државно или приватно организирано насилство... Во САД ова наследство на расен терор останува видливо и во современите методи на работа на полицијата,“ се наведува во изјавата на експертите на О.Н.

Во нивниот официјален допис до американската влада испратен преку дипломати во Женева, посебно се наведува и неодамнешното убиство на Ахмауд Орбери, Афро-Американец од Џорџија, кој бил бркан од тројца белци и застрелан три пати додека џогирал. Во судско излагање од минатата недела беше објавено дека белецот обвинет за убиството, го навредувал Орбери на расна основа додека стоел над неговото мртво тело.

„Последните моменти од животот на Орбери вклучуваат потера од група што сака да го линчува, исто како и групите за линчување од ерата на Џим Кроу,“ пишуваат мониторите од О.Н.

Потписниците претставуваат две-третини од сите монитори за човекови права на О.Н. кои го сочинуваат рбетот на системот на О.Н. за мониторирање на злоупотребата на човековите права низ светот.

8 јуни 2020 - 11:13