Одборот за мир во Газа драстично го намали амбициозниот план на Трамп во пилот-проект во јужниот дел на Појасот. Дури и таа шема, која опфаќа мал привремен камп за незначителен број од вкупно 2 милиони раселени Палестинци, со сопствена администрација, полиција и меѓународни безбедносни сили, не се очекува да биде реализирана до крајот на оваа година.
Џаред Кушнер во јануари вети дека портите за помош на Газа ќе бидат ширум отворени и дека основната инфраструктура – системите за водоснабдување, канализација и електрична енергија, како и болниците и пекарите, ќе биде обновена за 100 дена.
На теренот нема никакви активности. Пред неколку дена пристигнаа неколкумина офицери од Косово, кои треба да бидат дел од Меѓународните сили за стабилизација (ISF) што ќе го обезбедуваат кампот, а се очекуваат и нивни колеги од Мароко. Но, и тие се стационирани во Египет, бидејќи не почнала изградбата на логистичката база на преминот Керем Шалом, во која треба да бидат сместени заедно со возила и опрема.
Обуката на ISF во Египет сè уште не почнала, а се очекува да трае неколку месеци. Планирано е силите да имаат 5.000 припадници, една четвртина од првичниот план. Ќе бидат составени од трупи од Мароко и Косово, а можеби и од Албанија и Казахстан. За нивната обука исто така ќе бидат потребни неколку месеци.
Комитетот NCAG е стациониран во Каиро, затоа што Израел не им дозволува на 13-те палестински професионалци и технократи од управното тело да стапнат во Газа.

Во тампон зоната близу Рафах, на местото каде што треба да бидат поставени привремени монтажни живеалишта за десетина илјади раселени Палестинци, има траги од ископана земја, но нема никакви објекти. Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт оцени дека кампот ќе прилега на „концентрационен логор“, иако претставниците на Одборот инсистираат дека Палестинците ќе имаат слобода на движење во и надвор од областа.
Нејасно е и како ќе се соберат доволно пари за овој пилот-проект. Трамп најави фонд од 17 милијарди долари, но досега се ветени едвај 883 милиони евра за обновување на основната инфраструктура, водоснабдувањето и санитарните мрежи и за управување со отпадот.
Извори од Одборот најавуваат дека не треба да се очекува значителен напредок пред изборите во Израел на 27 октомври, на кои според анкетите треба да падне десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Западни дипломати сметаат дека најголемата надеж за покренување на плановите за реконструкција на Газа лежи во пофлексибилна израелска влада, но анкетите укажуваат дека идниот кабинет може да биде уште порадикален.
Целта е едноставно да се одржи процесот во движење, да се задржи иницијативата. Ако запре, има луѓе со екстремни агенди кои чекаат да ја преземат контролата и да спроведат масовна преселба на Палестинците и колонизација на енклавата, вели анонимен дипломат за Гардијан.

Основани се и сомневањата дека Нетанјаху би можел да нареди нова офанзива, во обид да ги зголеми сопствените шанси за победа на изборите. Израел и досега го прекршуваше прекинот на огнот потпишан во октомври, ги блокираше сите активности за обнова и драстично го ограничи протокот на хуманитарна помош. Откако е на сила примирјето, убиени се повеќе од 1.100 Палестинци.
Израелските сили, исто така, постојано ја поместуваат подлабоко „жолтата зона“ на дејство против Хамас и според новите проценки окупираат над 60% од територијата на Газа.
Израел всушност се обидува да изгради контролирано „Потемкиново село“ оградено со жица, со симболично население на кое би му обезбедиле малку подобри услови отколку на нивните сонародници во западниот дел на Газа. Таа фасада на „напредок“ треба да послужи за да се легитимира ескалација во остатокот од Газа, вели Мухамед Шехада од Европскиот совет за надворешни односи.