Нелсон Мандела, со свои зборови

Од времето кога бил во затвор, до статус на државник и инспирација на голем број генерации, цитатите на Мандела зборуваат повеќе од некаква сувопарна биографија.

За оптимизмот

„Во основа сум оптимист. Дали е тоа до мојата природа или до воспитувањето, не можам да кажам. Дел од тоа е да ја држиш главата насочена кон сонцето, а нозете да ти одат напред. Имаше многу мрачни моменти кога мојата верба во човештвото беше сурово ставена на тест, но не сакав и не можев да се препуштам на очај. Тој пат носи пораз и смрт"

„Не, не, не, се е во ред. Одам на редовни прегледи и велат дека нема да умрам оваа недела"

За лидерството

„Водачот е како пастир. Тој останува зад стадото, пуштајќи ги најагилните да одат напред а другите да ги следат, без да знаат дека сите всушност се раководени од назад"

„Подобро е да се раководи од назад и да се стават другите напред, особено кога прославувате победа или кога се случуваат убави работи. Застанувате напред кога има опасност. Така луѓето ќе го ценат вашето водство".

За општеството

„Може да се каже дека има четири основни и примарни нешта кои повеќето луѓе ги посакуваат во едно општество: да живеат во безбедна околина, да бидат во можност да работат и да заработуваат за себе, да имаат пристап до јавно здравство и да имаат добри образовни можности за нивните деца"

„Критички настроени, независни и истражувачки медиуми се крвотокот на која и да е демократија. Медиумите мора да бидат ослободени од мешање од страна на државата. Мора да ја имаат економската моќ да им пружат отпор на притосоците на државните функционери. Мора да имаат доволна независност од нивните интереси за да се одважат да истражуваат без страв или без пристрасност. Мора да ја уживаат заштитата од страна на Уставот, за да можат да ги заштитат и нашите права како граѓани"

За љубовта и личната слобода

„Да се биде слободен не значи само да се отфрлат синџирите, туку да се живее на начин кој ги почитува и ја зголемува слободата на другите"

„Никој не се родил за да мрази друг човек поради бојата на неговата кожа, или неговото потекло, или неговата религија. Луѓето мораат да научат да мразат, и ако можат да го научат тоа, тогаш можат да се научат и да сакаат, затоа што љубовта му лежи поприродно на човечкото срце отколку нејзината спротивност"

За непријателите

„Ако сакате да се смирите со вашиот непријател, мора да работите со него. Тогаш тој станува ваш партнер."

„Јас не сум единствен кој не сакаше одмазда. Речиси сите мои колеги во затворот не сакаа одмазда, затоа што нема време да се прави ништо друго освен да се обидеш да ги спасиш твоите луѓе"

„Вчера ме нарекоа терорист, но кога излегов од затворот многумина ме прифатија, вклучително и моите непријатели, и ова им го кажувам вообичаено на оние кои велат дека луѓето кои се борат за слобода во нивната земја се терористи. Им велам дека и јас до вчера бев терорист, но денес ме почитуваат истите оние кои ме нарекуваа така"

За менувањето на светот

„Долги говори, мавтање со тупаници, удирање во маси и изјави со силни зборови кои не се во допир со објективните услови не доведуваат до масовни дејства, и можат да направат голема штета на организацијата и на борбата на која и служиме"

„Образованието е најсилното оружје со кое можеме да го смениме светот"

„Кога ќе се напише историјата на нашето време, дали ќе бидеме запамтени како генерација која го свртела грбот во момент на глобална криза, или ќе биде запишано дека сме ја направиле вистинската работа?"

„Сега работите се во рацете на вашите генерации, светот да се ослободи од ваквите страдања"

 

6 декември 2013 - 08:56