Трамп упорно ветуваше дека САД ќе ги запрат непотребните воени ангажмани низ светот за одбрана на демократските власти и под негово раководство ќе се посветат на домашниот развој. Пораките МАГА и Америка на прво место, станаа негов политички белег.
Спроти првата годишнина од својот втор мандат, тој потсети дека кандидатурата за реизбор на Џими Картер во 1980 година беше осудена на пропаст поради неуспешниот обид да ги спаси 52-та американски заложници во Техеран.
Помислете на Џими Картер, големиот Џими Картер, на хеликоптерите што се уриваа, на заложниците. Се сеќавате на тоа? Помислете на поспаниот Џо Бајден со Авганистан. Каква катастрофа, најсрамниот ден во историјата на нашата земја, изјави Трамп во јануари. Потсети и на „несреќната инвазија“ на Џорџ Буш врз Ирак.
Претседателот што го преименува министерството за одбрана во министерство за војна, всушност спроведе многу подрски и поризични воени операции од претходниците што ги критикуваше.

Трамп лани нареди напади врз цели на ИСИС во Ирак, Сирија и Нигерија и почна кампања за уништување бродови што наводно шверцуваат дрога од Латинска Америка. Се закани дека нема да се колеба да употреби сила за да ги преземе Гренланд од Данска и Панамскиот канал од Панама. Откако во октомври го одмина Нобеловата награда за мир, на норвешкиот премиер му порача дека повеќе „не чувствува обврска да размислува исклучиво за мир“.
Во новата година Трамп тргна уште поагресивно. Веќе на 3 јануари ја нареди спектакуларната акција за грабнување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од неговата резиденција во Каракас.

Успехот на операцијата со минимална штета (седум лесно ранети војници) го охрабри неполни два месеци подоцна да тргне во војна со Иран, на што не се осмелуваа сите претседатели по Картер, иако упорно беа притискани на тоа од Израел.
Трамп во првиот мандат беше неподготвен да употреби сила. Сега се навикна на тоа многу удобно, оцени за Фајненшл тајмс поранешен висок функционер за одбрана.
Токму Иран беше цел на првата воена интервенција во првиот мандат на Трамп. Како одговор на напад на шиитски демонстранти врз амбасадата на САД во Багдад, тој нареди ликвидација на Касем Сулејмани, командантот на Револуционерната гарда, генерал почитуван од Хезболах, Сирија и шиитските милиции во Ирак. Техеран реагираше релативно тивко, со бараж ракети кон американски бази во регионот, кои не предизвикаа жртви.
Операцијата Сулејмани го охрабри Трамп да употреби воена сила. Неговите гласачи не сакаат порази, загинати Американци и војни што се влечат со години, вели Елиот Абрамс, специјален претставник за Иран и Венецуела во првата администрација на Трамп.

Убиството на ајатолахот Али Хамнеи во првиот бран од нападите не значеше крај на операцијата како во случајот на Мадуро, ниту Техеран возврати со десетина проектили, како за генералот Сулејмани, туку со сиот арсенал што го поседува.
Трамп сега почна „неограничена“ војна, за која оцени дека ќе трае четири недели. Призна дека „ќе бидат изгубени американски животи“, но се пофали дека САД имаат „бесконечно“ муниција за „вечна војна“. Целосно спротивно на своите ветувања и на очекувањата од Американците кои пред 16 месеци гласаа за него.