На Данска почна вистински да ѝ гори за Гренланд

Кога Трамп во првиот мандат порача дека сака да го купи Гренланд, тие што не бе шокирани од изјавата не можеа да се приберат од смеење. Овој пат, барем за Данска, работите станаа многу посериозни.

Додека данската премиерка ја нарече идејата „апсурдна“ и целосно ја отфрли, луѓето блиски на Трамп ги предупредуваат данските власти дека овој пат тој е сериозен во намерата САД да го откупи Гренланд од Данска.

Трамп неделава го повтори своето барање за поседување на Гренланд, објаснувајќи дека луѓето не знаат дали Данска има право да го продаде островот, меѓутоа ако може тогаш треба тоа да го направи „бидејќи ни е потребен за национална безбедност.“

За засилување на својата позиција Трамп порача дека на Данска би можеле да и бидат залепени сериозни царински тарифи ако не се откаже од Гренланд, а не отфрли ни можност за воена интервенција.

Во целата работа се вклучија и Германија и Франција. Прво Олаф Шолц порача дека принципот за неповредливост на границите важи за секоја држава, додека министерот за надворешни работи на Франција изјави дека „не постои сомнеж дали ЕУ би дозволила други држави да ги нападнат суверените граници на Унијата.“

На американските и данските функционери не им е баш најјасна опседнатоста на Трамп со Гренланд, и објаснувањето дека тоа го прави заради безбедносни причини, бидејќи САД имаат децении стар одбранбен договор со територијата, која минимално го ограничува военото присуство на САД на Гренланд.

Едно од објаснувањата за ваквиот страв е можноста за осамостојување на Гренланд од Данска, со што би се нарушила сегашната стабилност на островот и би се отворила можност за поголемо руско и кинеско влијание таму.

9 јануари 2025 - 14:50