Мој је живот Швицарска, скоро па 10 милиони

Во јуни одат на еден од најбитните референдуми последниве години. Идејата на предлогот „Не за Швајцарија од 10 милиони“ е кога државата ќе дојде до цифра од 9,5 милиони, автоматски да стапат на сила строги лимити на имиграцијата, азилот, семејното спојување, работните дозволи и други форми на доселување. Моментално имаат 9,1 милион жители. Што би рекол швајцарскиот часовник: тик-так, тик-так....

Во пресрет на јунскиот референдум, во Швајцарија се загрева една од најважните политички и економски дебати последните децении: дали населението треба да се ограничи на максимум 10 милиони до 2050 година.

Иницијативата, предводена од Швајцарската народна партија, десничарска популистичка и национално-конзервативна партија која има и најмногу претставници во Федералниот совет, покренува длабоки прашања за идентитетот на земјата, нејзината економска одржливост и улогата на миграцијата во идниот развој.

Според некои анкети, предлогот би можел да помине со тесно мнозинство од околу 52 проценти од гласовите. Таквиот исход би бил преседан, бидејќи првпат би се вовело експлицитно демографско ограничување.

Фундаменталното прашање не е само колку луѓе Швајцарија може да „издржи“, туку каква економија и општество сака да изгради.

Ограничувањето на бројот на жители со административни средства не ги решава структурните предизвици; честопати само ги преместува или продлабочува. На ова предупредува и извршниот директор на трговскиот ланец „Мигрос“, Марио Ирмингер, воедно и најголемиот работодавач во земјата. Тој истакнува дека веќе постои сериозен недостиг на работна сила во малопродажбата и производството.

Демографските трендови дополнително ја комплицираат ситуацијата. Населението старее, сè поголем број работници се пензионираат, а побарувачката за услуги и стоки не се намалува, туку напротив, расте. Работодавците предупредуваат дека без прилив на работна сила, постојат реални последици како што се пократко работно време, намалување на бројот на гранки и на понудата. 

Од друга страна, поддржувачите на иницијативата тврдат дека неконтролираниот раст на населението создава притисок врз домувањето, инфраструктурата и животната средина. Тие потсетуваат дека бројот на жители во Швајцарија расте пет пати побрзо од населението на околните земји од ЕУ.

Денес не постои модерна земја која има фиксен максимален број на жители. Доколку иницијативата помине, Швајцарија би станала првата таква земја во светот. Постојат земји кои спроведуваат строги миграциски политики, како што се Австралија, Канада или Обединетото Кралство, но дури и таму бројот на странски државјани се зголемил во последните години, што покажува колку е тешко на долг рок да се ограничат демографските текови во услови на глобализирана економија.

6 мај 2026 - 11:56