Деновиве италијанска јавност се рефрешираше околу еден случај од 2013 во кој Италијанка бараше од судот да и дозволи да почне третман за својата дегенеративна болест со нетестирана и контроверзна терапија. Во судскиот случај Стамина терапијата беше преставена како ефикасен лек што италијанскиот естаблишмент го крие од народот и не му дозволува да го користи.
Еден од поддржувачите на Стамина беше и Бепе Грило, основачот на Движењето 5 ѕвезди. Адвокат на семејството на болната девојка беше Џузепе Конте, поддржувач на Стамина и нов премиер на Италија.
Конте е кадровското решение на коалиционите партнери Движењето 5 ѕвезди, моментално најголемата партија во Италија, и Лигата (ребрендираната Северна лига).
По именувањето на Конте, двете партии, за кои ова ќе биде прв пат да составуваат влада, се зафатија со меѓусебни кошкања околу пополнувањето на владата. Главна тема на недоразбирање е колку евроскептична треба да биде новата влада. Еден од луѓето што Конте сака да го назначи е Паоло Савона, кој би требало да биде министер за финансии, човек кој еврото го нарекува „германскиот кафез“ и за кого влегувањето на Италија во еврозоната е „историска грешка.“
„Двете партии имаат долга историја на прифаќање на неортодоксното, поддржување на теории на заговор, и спротивставување на институциите кои традиционално се сметаат за столб на италијанското општество,“ се објаснува во текстот на Гардијан.
Теми на „соработка“ на двете партии се и воведување политики против мигрантите и критикување на задолжителното вакцинирање.