Британските власти го потврдија упадот во чувствителниот систем, но истакнаа дека податоците биле отстранети од кинеската платформа пред да бидат извршени какви било трансакции.
Најмалку една од трите понуди на платформата ги содржела податоците од сите 500.000 волонтери од Британија, изјави министерот за податоци Иан Мареј.
Тој објасни дека упадот во системот не бил „протекување“, туку податоците биле легално преземени од акредитирани академски институции заради научни истражувања. Не е јасно како податоците завршиле на продажба.
Трите кинески истражувачки институции и другите лица одговорни за огласувањето на податоците биле суспендирани. Алибаба презел „превентивни мерки“ за да не се повторат слични инциденти.
Упадот ги истакнува ризиците од собирањето, чувањето и користењето на огромни бази со здравствени картони, кои служат како глобална банка за медицински истражувања. Во картоните се впишани најчувствителни лични податоци – од секвенци на ДНК до информации за секојдневни навики, за да им се овозможи на научниците да ги вкрстуваат и да истражуваат како генетиката влијае врз начинот на живот.
UK Biobank тврди дека личните податоци за волонтерите се анонимизирани, но Гардијан неодамна успеа да идентификува лице врз основа на само два јавно достапни податоци.
Мареј ги отфрли повиците да се забрани пристап на кинески институции до британската база.
Кинеските истражувачи со години работеа безбедно и сигурно со илјадници податоци и ги користеа секој ден, истакна министерот.
Биобанката - добротворна организација надгледувана од одбор на доверители и делумно финансирана од британската влада, работи повеќе од 15 години. Лани почна проект со 14 фармацевтски компании заради рано дијагностицирање на рак, автоимуни состојби и деменција.