Мапа на сите (не)пријателства на Блискиот Исток

Моментално Израелците ги бомбардираат Палестинците, ирачката армија се обидува да се справи со ИСИС, а Сиријците се борат меѓу себе, плус треба да излезат на крај и со ИСИС. Која и да си држава или организација на Блискиот Исток, во секоја твоја одлука треба да земеш во предвид уште 12 заинтересирани (и најчесто гневни) страни околу тебе.

На листата најголем број пријатели има Ирак, кој успева да има добри односи со 6 страни. Оваа бројка сериозно се зголеми по падот на Садам. Инаку просекот на пријатели е меѓу 2 и 3.

За тоа како стојат работите во регионот, еден пример со Израел и Палестинците.

- Израел е во непријателски односи со Палестинските власти.
- Израел е во непријателски односи со Хамас.
- Саудиска Арабија е еден од главните финансиери на Палестинските власти, ама не се во добри односи со Хамас откако го прогласија Муслиманското братство (мајката организација на Хамас) за терористичка организација.
- И покрај тоа што Саудијците ја финансираат Палестина, Израел не е во непријателски односи со Саудиска Арабија, туку двете држави се на "комплицирано" пред се заради заедничкиот страв од нуклеарното оружје на Иран.

На терен најинтересен е случајот со ИСИС, кои се непријатели на секоја можна страна на теренот, вклучително и Ал Каеда на Бин Ладен.

- ИСИС - Ал Каеда. Организацијата отфрли каква било поврзаност со ИСИС заради нивната неподготвеност да соработуваат со која било друга група, како и воспоставувањето на сопствен калифат во област под власт на Ал Каеда.

- ИСИС - Египет. Има непотврдени извештаи дека членови на групата работат во Синај, а освен тоа тие се генерално непријателски расположени кон египетската влада.

- ИСИС - Хамас. ИСИС отвори центри за регрутирање во Газа, нешто на што се Хамас директно се спротивстави спречувајќи ги младите Палестинци да одат да се борат во Сирија.

- ИСИС - Хезболах. Како шиитска воена организација, Хезболах е една од главните мети и непријатели на сунитите од ИСИС.

- ИСИС - Иран. Една од најголемите шиитски држави постојано ги снабдува Шиитите во Ирак со оружје, залихи и војска, за нивната борба против ИСИС.

- ИСИС - Ирак. ИСИС претставува директна закана за постоењето на Ирак и неговото задржување во денешните граници.

- ИСИС - Израел. Се уште се немаат директно судрено, ама израелската држава по дифолт не е прифатлива за ИСИС.

- ИСИС - Палестински власти. Визијата на ИСИС за Блискиот исток, не остава простор за луѓе што би преговарале со Израел.

- ИСИС - Саудиска Арабија. Саудијците прво негираа дека го финансирале ИСИС, а сега започнаа и официјална борба против приватните спонзори на организацијата.

- ИСИС - Сирија. Иако се непријатели, армијата на Башар ал Асад, со месеци избегнуваше да ги напаѓа ИСИС, додека во исто време грабаа територија на истокот од земјата. Ова беше дел од стратегијата на Башар, да внесе дополнителна поделба меѓу бунтовниците.

- ИСИС - Турција. ИСИС киднапираш голем број турски државјани во Ирак, од кој мнозинството остануваат во заточеништво.

- ИСИС - САД. Американците им дадоа поддршка на сите што се борат против ИСИС.

 

(клик на сликата за поголема верзија)

30 јули 2014 - 09:49