Премрзнатите бегалци на ничија земја меѓу Белорусија и Полска со кои разговара Би-би-си, раскажуваат дека пристигнале во Белорусија со авион со ветување дека од таму ќе можат да продолжат кон некоја од членките на ЕУ.
Откако се дојдени тие со автобуси се префрлени до границата во Полска, и веќе неколку недели граничарите „си играат фудбал“ со нив. Белорусите ги испорачуваат до граница, им кажуваат дека никој нема на полска страна, и додека ги минат заштитните барикади ќе се појават полските војници, кои ги враќаат назад.
„Белорусите нè тепаат и нè туркаат кон Полска, Полјаци нè фаќаат, нè тепаат и нè туркаат кон Белорусија,“ изјавува еден од мажите заглавен во шумата меѓу двете држави.
Лукашенко работи по слична скрипта како Ердоган, но наместо пари, сака да и врати на Унијата за санкциите што ги воведе против него. Наводно Белорусија ги има укинато сите визи за патување за неколку држави од Блискиот исток како би собрала што е можно повеќе мигранти желни да влезат во ЕУ.
Литванија, Полска и Латвија прогласија вонредна состојба на границата заради напливот на илјадници мигранти кои сакаат да влезат од Белорусија.
Полскиот парламент веќе изгласа дека мигрантите смеат да бидат истуркани назад преку граница, наспроти сите меѓународни закони, под оправдание, како што објасни полскиот премиер, дека „се одвива организиран напад на полската граница... и ние нема да попуштиме пред уцени“.