„Вибетск, 22 лешеви, останете дома,“ пишува на некој ќош во центрот на Вибетск, четврти по големина град во Белорусија, држава која водена од Александар Лукашенко, одбива да влезе во она што тој го нарекува „корона психоза.“
Такви графити има сè почесто во Вибетск, Минск и другите градови од земјата, иако органите на редот регуларно ги премачкуваат. Се разбира, никој не може да знае колку напишаното е точно или дали реалноста веќе го има апдејтирано графитот.
Во моментов, на најпознатиот глобален семафор за ковид-19, Белорусија со 9,5 милиони жители има само 861 заразен и 13 починати. Но, постојат отворени сомневања дека здравствените власти мораат да ги штимаат резултатите и жртвите од ковид-19 да ги заведуваат како пневмонија и други дијагнози.
Лукашенко е човек од фарма па и во вакви времиња тој верува во моделот по кој неговиот народ опстанувал и во други премрежја: вотка, сауни и чесен труд по полињата. Лукашенко регуларно оди по комбинати и претпријатија, ги храбри луѓето и ги уверува дека „тој лично ги анализирал податоците“ и сфатил дека ништо страшно не се случува.
Неговата главна поента е дека ако Запад влегол во психоза, ако и Русија влегла во психоза, не мораат и тие, бидејќи затворањето на државата и запирањето на животот ќе доведе до поголеми жртви отколку самиот вирус.